ИНТЕРВЈУ – Димитров: Ако се зголемат платите бизнисот ќе треба да крати од повисоките и да ги отпушта слабите работници за да ги исплати
Мини интервју со Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров во кое разговараме за три актуелни прашања. Едно од нив е и барањето за зголемување на минималната плата.
Работник: Кој е ставот на ОРМ во однос на барањето за зголемување на минималната плата на 450 евра?
Димитров: Ставот на ОРМ е дека секакво друго покачување на минималната плата, надвор од законското, ќе предизвика проблеми во стопанството. Нашата минимална плата е далеку повисока од износот кој би се добил согласно европската директива за минимална плата, таа изнесува најмалку 57% од просечната, а директивата препорачува 50%. Повисокиот износ на минимална плата ќе доведе до „збивање“ на се поголем број на работници со различно ниво на образование и способности на едно исто ниво, што доведува до демотивација на добрите работници. Споредбата на минималната плата со други држави не се прави едноставно со споредба на износите, туку е потребно таа да се спореди со просечната плата во земјата, Бруто домашниот производ по жител и давачките од плата. На пример во Црна Гора давачките се 20% во однос на бруто платата а кај нас околу 33%. Таму на платите до 700 ЕУР не се плаќа персонален данок, а не се плаќа ниту придонес за здравство, што ги прави износите не споредливи.
Работник: Дали бизнис секторот може во моментот да поднесе ново зголемување на минималната плата?
Димитров: Бизнисот ќе мора да се снаоѓа како знае и умее. Некои ќе кратат од повисоките плати за да го покријат зголемувањето на минималните, некои ќе ги зголемат цените на производите и услугите, некои ќе ги напуштат најслабите работници кои не ја остваруваат ниту минималната плата. Во секој случај ова се лоши политики кои ќе доведат до проблеми како во фирмите така и во државата.
Работник: Како го коментирате исчезнувањето на работниците од Непал?
Димитров: Заминувањето на работници од Непал, без пријавување, значи дека тие свесно ја искористиле Македонија како транзитна земја, за да можат полесно да заминат во Западна Европа. Се надевам дека сите што склучиле Договор за работа со македонски работодавач, не мислат така. Овој процес се случува и во другите балкански држави, но вработувањето на странци се гледа како единствена алтернатива на младите луѓе кои ги напуштаат балканските држави. Ние не можеме да сториме ништо поразлично од нив.