Uncategorised

ИНТЕРВЈУ – Златановска – Попова: Наместо да откриваме за што нѐ не бидува, треба да ги откриваме силните страни

   Време за читање 5 минути

После подолго време, интервју со Катерина Златановска – Попова, Советник за разој на кариера и тренер за меки вештини. Интервјуто се однесува токму на нејзината професија која има за цел да им помогне на луѓето во една од најважните сфери во животот – кариерата.

Како долгогодишен советник за развој на кариера, како ја оценувате заинтересираноста на луѓето да се консултираат токму за кариерата? 

Забелжителен тренд е дека заинтересираноста расте од година во година. Посебно, би рекла, од почетокот на пандемијата во 2020 година интересот за ангажирање на советник за развој на кариера расте, а и свесноста на луѓето за кариерата е сменета. Некако луѓето станаа позаинтересирани за како и каде го инвестираат своето време кога станува збор за работата, а тоа значеше отворање на многу важни прашања како што се „Дали ми носи задоволство ова што го работам?“, „Ако сакам да сменам, што е тоа што би го работел/а?“ и сл.

Кога некој би Ве прашал – зошто да ангажирам советник за кариера, што би му одговориле?

Многу интересно прашање, ти благодарам. Ќе се обидам на бидам кратка и јасна. Улогата на советникот за кариера е да му биде поддршка на клиентот во носење на информирани одлуки, преку структуриран процес, докажани алатки, и индивидуални интервенции за клиентот да дојде до потребните одговори и да направи план за своите идни конкретни чекори и постапки. Мојата, а и филозофијата на кариерните советници е дека секој човек е најдобар експерт за себе, најдобро се познава и знае најдобро што му треба и што сака, само многу често или не може јасно да ги види одговорите, или се плаши од одлуките кои би требал да ги преземе бидејќи промените се болни и со непознат исход. Советникот за кариера е таа клучна личност која ќе ви биде поддршка да ве води до донесување на одлуки и создавање на конкретен план со јасни чекори.  А тоа значи, придвижување од позицијата каде се наоѓа личноста во моментот, во сегашноста, кон она каде сака да стаса во иднина со прецизна „мапа“ во рака како да го направи тоа.

Во западните земји советниците за развој на кариера играат голема улога во зачетокот на идната кариера на луѓето. Како да им ја подигнеме свеста на луѓето во Македонија дека имањето ваков советник може доста да им помогне при изборот и развојот на кариерата? 

Клучно е кариерното советување да стане дел од образовниот систем, да се започне од најрана возраст, уште од основно училиште. Кариерното советување започнува со себеспознавање, и децата треба да ги откриваат своите интересирања, да ги истражуваат своите таленти, страсти, силни страни и афинитети. Само на тој начин, кариерното советување ќе биде достапно до сите и ќе биде во корист и на услуга на сите.

Со оглед дека подолго време се занимавате со оваа област, кои би рекле дека се најголемите фактори кои одлучуваат за тоа која кариера треба да се одбере? 

Зависи од возраста, а има разлика и во периодите (стадиумите) во животот во кој се наоѓа личноста. Би рекла дека помладите сакаат да имаат баланс меѓу работата и приватниот живот, а воедно да работат нешто што ќе им носи добра заработка и ќе ги исполнува. Повозрасните, особено оние кои имаат семејства, сакаат стабилност и сигурност, и тоа го гледаат како приоритет при донесување на кариерни одлуки, дали таа кариерна одлука ќе им овозможи да го издржуваат семејството и на крај колку таа одлука ќе им донесе задоволство и квалитет во живеењето.

Некој сака професија за која во реалноста не го бидува. Колку, според Вас, е важно навремено да сфатиме за што нѐ не бидува за да не го трошиме нашето време залудно и наместо тоа да го насочиме кон она што навистина ни прилега како наша идна кариера?

Постои една цела докажана филозофија, а таа вели дека наместо да се обидуваме да ги подобриме слабостите или работите за кои што нѐ не бидува, треба да се работи на откривање на силните страни и на талентите кај луѓето, и истите да се развиваат додека да се претворат во мајсторство. Само на тој начин секоја личност ќе живее исполнет живот и ќе може да го даде најдоброто од себе во она за што е дојдена на оваа планета.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.