(ИНТЕРВЈУ) „Младите заинтересирани за отворање на сопствен бизнис, повозрасните за промена на работните места“
Бобан Илијевски
Се повеќе светски истражувања покажуваат дека голем број на луѓе даваат откази од своите моментални работни места. Ова се случува од две причини – синдромот на согорување (burnout) и незадоволството од страна на вработените од работните места на коишто работат. Незадоволството, впрочем, се појавува најмногу поради тоа што во ек на локдауните, работниците имаа прилика повторно да ги преиспитаат своите кариерни цели, што резултира со голем број на откази. Исто така, пандемијата „принуди“ на површина да излезат нови форми на работа, како работата на далечина (од дома) и хибридниот начин на работа (неколку денови дома, неколку во канцеларија). Се повеќе работници бараат да им се овозможи некоја од овие форми на работа, бидејќи сфатија од колкава важност е балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот.
Порталот Работник направи едно кратко интервју со Катерина Златановска – Попова, во чија професија – Кариерен советник за развој – спаѓа и оваа проблематика. Со Златановска – Попова зборуваме за турбуленциите кои се случуваат во светот на кариерата, но на ниво на Македонија, со оглед на тоа дека премногу малку се зборува за истото во државата.
Прво ја прашав за она што би можело да се каже дека е очигледно прашање, а тоа е дали и во Македонија може да се случи луѓето да бараат промена на својата кариера, земајќи ја во предвид ситуацијата со пазарот на трудот во земјата.
Пандемијата ја забрза трансформацијата на работните места и начинот на кој луѓето гледаат на својата кариера, започна да објаснува Златановска – Попова. Работата од дома, зголемувањето на потребата за професии за нега и медицинска помош, климатските промени и новите начини на произодство на енергија и храна, како и се‘ поголемото вклучување на технологијата во нашето секојдневие се во фокусот на новите професии и воедно на луѓето кои сфатија дека промената се случува, сакале тие или не.
„За жал, кај нас промената и трендот се случува со иселување на луѓето. Во Македонија се‘ поголем е недостигот на работна сила во изминатите 10 -тина месеци, посебно откако се отворија границите и многумина ја искористија првата прилика за да заминат на работа или студирање во странство. Побарувачката на пазарот на трудот е огромна и во моментот и постои силен недостиг на обучени работници во многу области и индустрии, а најмногу во угостителската, трговската, медицинската, занаетчиската и др.“, рече Златановска – Попова.
Следно ја прашав што таа би ги советувала вработените доколку сакаат да направат кариерна промена, на што Златановска – Попова рече дека промената на кариерата е процес и дека е потребно да се поминат неколку важни фази, како: себеспознавање (што знам, можам и сакам да правам), спознавање на личните интереси, спознавање на моите потреби кога станува збор за работењето (фиксна плата или бонуси, фиксно работно време или работа во смени, работа во тим или самостојно, работа со патување или во канцеларија и т.н.), истражување на моменталните потреби на пазарот на труд, поглед кон иднината и она што би биле идните потреби на човештвото. Потребно е, како што вели, да се направи и процена на знаењата и потребата за дообука и доусовршување и каде и како можат новите вештини да се реализираат.
Таа е децидна дека сите овие сегменти се клучни во донесувањето на информирана и свесна одлука за промената на кариерата, како и за правецот во кој би се движеле во поглед на истата.
Светски експерти од областа на кариерата велат дека доколку одредено лице има намера да ја промени кариерата, тоа треба да го направи сега, додека економијата се уште не е заздравена и кога во речиси сите дејности се бараат квалификувани работници. Прашањето коешто ѝ го поставив на Златановска Попова се однесува токму на тоа, дали додека економијата во Македонија се‘ уште заздравува, е вистинското време да се направи промена на кариерата.
Катерина Златановска – Попова е на ставот дека секогаш е добар момент за преиспитување и поверка на тоа до каде сме, што сме постигнале, кои се нашите желби, какви се нашите моментални интереси и особено, поради фактот што економските промени ќе подразбираат и нови начини на работење, што е она за кое е потребно да се дообразувам и дообучим, што ново треба да научам и да усвојам, за да држам чекор со очекувањата на потребите на бизнисите.
„Само со континуирано учење и доусовршување, активно себеспознавање, јасна слика на личните интереси и постојано инвестирање во личен и професионален развој можеме да се прилагодуваме на новите барања и лесно да ги правиме посакуваните кариерни промени“, појасни Златановска – Попова.
За на крај, ја прашав дали на неа и се обраќаат околу оваа проблематика, како и за тоа за што најмногу бараат совети.
Таа одговори потврдно и додаде дека кариерното своетување станува се‘ поважна и позначајна алатка и се‘ повеќе луѓе ја разбираат потребата од работа со советник за развој на кариера и тоа во различни периоди од животот „или како што ние ги викаме во различни моменти на кариерни транзиции“.
Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК – Скопје која постои веќе 11 години, продолжи да зборува таа, во изминатите две години интензивно и континуирано работи на поддршка како на млади луѓе, така и на оние кои со пандемијата се најдоа силно погодени и чии работни места се директно загрозени од економските промени.
Во однос на тоа за што најмногу бараат совети, Златановска – Попова рече:
„Со секој клиент е различно. Она што е најзначајно во кариерното советување и во нашиот пристап е дека се работи индивидуално, соработката подразбира неколку средби меѓу советникот и клиентот и секогаш се дефинираат потребите на клиентот кои потоа се разгледуваат и разработуваат. Ако сепак треба нешто да издвојам, младите најчесто ја имаат дилемата каде да студираат, во последно време актуелна е дилемата и за отворање на сопствен бизнис, додека кај повозрасните најчесто дилемите се околу промена на професија, прифаќање на нова понуда за работа, барање на работа и сл.“, образложи Катерина Златановска – Попова.