ИНТЕРВЈУ СО ДАНЧЕ АЗМАНОВА МИРЧЕВСКА: „Зборувањето за подобрувањето на условите за родителите не е доволно, потребно е преземање акции“
- ИНТЕРВЈУ – Димитров: Ако се зголемат платите бизнисот ќе треба да крати од повисоките и да ги отпушта слабите работници за да ги исплати - 03/09/2024
- ИНТЕРВЈУ СО ДАНЧЕ АЗМАНОВА МИРЧЕВСКА: „Зборувањето за подобрувањето на условите за родителите не е доволно, потребно е преземање акции“ - 02/09/2024
- Прогнозата дека увезените работници ќе бегаат од Македонија се оствари, дали ќе се оствари и ова? - 03/08/2024
Малцинство се оние кои активно се бават со прашањата повразни со родителството и работата. Една припадничка на тој квинтил е нашата денешна соговорничка, Данче Азманова Мирчевска, основач на платформата workingmom.mk.
За платформата, но и за нејзината работа, дознајте повеќе во продолжение:
Работник: Ја создадовте платформата Working Mom како ваш личен блог, но денес ова е заедница каде што голем број на родители ги споделуваат своите кариерни предизвици. Како платформата постигна толку голем успех за толку кратко од лансирањето?
Азманова Мирчевска: Верувам дека популарноста на платформата Working Mom се должи на тоа што голем број на родители, особено мајките се препознаа во предизвиците за коишто пишувавме.
Тие сфатија дека не се сами во своите дилеми како максимално да му се посветат на детето, а притоа да не си ја запостават кариерата што долги години ја граделе. Дали ќе можат да продолжат кариерно таму каде што застанале, или ќе треба да се вратат неколку чекори назад?
Тоа што најмногу ја доближи платформата до читателите беше тоа што најотворено, без влакна на јазикот зборувавме за нашите проблеми со кои се соочуваме како родители што градат кариера.
Храброста да се пишува на табу теми (што не треба да се табу во 21 век) е пресуден момент постојано да расте бројот на читатели, како и соработките со компании што навистина се грижат за своите вработени – родители.
Секако, зборувањето на овие теми ќе продолжи и во иднина. Но, екипирани со најгорливите маки на нашите читатели, сметам дека е редно време да почнеме да преземеме и акција за ги решаваме, чекор по чекор.
Затоа, една година по основањто, сме во финална фаза да прераснеме во невладина организација. На овој начин, веруваме дека ќе имаме многу поголем импакт во општеството, ќе направиме реална промена таму каде што е потребно.
Едноставно, нема да останеме само на пишани зборови и споделени идеи. Ќе комуницираме и со дела.
Работник: Кои сметате дека се најголемите предизвици на мајките на работното место?
Азманова Мирчевска: Би се фокусирала на еден од најчестите феномени кај нас, а тоа е „казна за мајчинство“.
Баш пред некој ден прочитав статистика што многу ме вознемири:
„75% од компаниите не ги земаат во предвид за унапредување новите мајки заради претпоставките дека нема да бидат посветени на својата кариера”. (Voice of Women)
За жал, сведоци сме како и во македонските компании, мајките се доживуваат како помалку посветени или способни на работното место, најчесто откако ќе се вратат од породилното отсуство.
Кога имаме деца, не се очекува од нас да сме посветени на кариерата или да сме workaholics. Некогаш можеби и некое унапредување зависи од тоа дали во скоро време планираме семејство.
Би сакала да кажам дека овие наративи се далеку зад нас, но, за жал, сѐ уште можеме да го почувствуваме на своја кожа.
Но, тоа што никој не им го кажува на тие работодавци/менаџери што ги деградираат мајките, е тоа што тие сега имаат мотивација плус да успеат – нивното дете. Веќе добро ја совладале важноста на паметното менаџирање со време и мултитаскингот и многу полесно ќе го извадат на површина потенцијалот што долго време тлеел во нив.
За жал, поради горенаведените предрасуди, ретко која од тие мајки добиваат шанса да ги покажат своите нови вештини на дело.
Работник: Зошто се одлучивте да го кревате гласот токму за родителството и работното место?
Азманова Мирчевска: Затоа што кога си родител, животот од корен ти се менува. А таа промена 100% се рефлектира и врз твоето работно место.
Чисто за илустрација, ова се некои предизвици со кои родителите се соочуваат обидувајќи се да бидат посветени родители, но и врвни професионалци:
- Жонглирање со барањата на работата и семејниот живот може да биде преоптоварувачко и некогаш едвај успеваат да завршат 20% од обврските во денот.
- Справувањето со заморот од непроспиените ноќи поради грчеви во стомакот, настинки на детето, нови запчиња итн, значително може да влијае на продуктивноста и концентрацијата на работа.
- Сите приватни и професионални обврски во денот треба да ги сместат во тие 24 часа во денот. Веќе нема да можат да си дозволат неефективно искористување на времето. Секоја минута од денот е значајна, бидејќи знаат колку времето е лимитирано.
- Потребата од наоѓање време и приватен простор за доење или пумпање млеко за време на работниот ден и секако – ризикот од маститис.
- Константното чувство на вина што си далеку од твоето дете и не можеш целосно да му се посветиш.
- Недостиг на поддршка на работното место. Колегите што немаат деца можеби нема да ги разберат предизвиците на новата мајка. Или пак, ќе ја минимизираат важноста на родителувањето, очекувајќи таа да се однесува исто како порано и да ги дружи на пијачка после работа.
- Наоѓање соодветна грижа за детето додека родителот е на работа – баба, градинка, дадилка. Овде е и потребата постојано да им стоиш над глава за да се осигураш дека детето е добро згрижено.
- Нема пострашен телефонски повик за еден родител од тоа дека детето качило температура и веднаш треба да се врати дома или да си го земе од градинка. Ова е дефинитивно најголем предизвик додека детето да стекне имунитет.
Работник: Согласно искуствата, колкав предизвик е во исто време да се биде мајка и да се води успешна кариера?
Азманова Мирчевска: Често добивам коментари од постарите генерации дека и тие имале деца и работа истовремено, па немало потреба зошто ние младите да креваме толкава “фама” околу тоа.
Сепак, тоа биле времиња кога мајките имале “цело село” што им помагало да го израснат детето и на крај памет не им паѓало да си основаат свој бизнис. Биле помирени со тоа дека цел живот ќе работат на едно место и тоа е максимумот што го можат.
Денешните мајки се далеку поамбициозни. Баш прочитав една статистика што вели дека 1 од 3 жени, година-две откако ќе стане мајка, си отвора свој бизнис. Тоа навистина ме радува.
Работник: Неколку Ваши лични совети за мајките во однос на балансот помеѓу работата и семејството?
Азманова Мирчевска: Работното време и времето за приватен живот најдобро се балансираат доколку се одвојат. Се поставуваат граници – до Х часот сум во канцеларија, работата ја оставам таму, а потоа се враќам дома и 100% се посветувам на другите улоги во домот.
Поради потребата за едноставни, применливи тактики за родителите, ја креиравме следнава брошура: 9 тактики за паметно менаџирање со денот и максимално искористување на лимитираното време што го имаш со децата.
Вашите читатели може бесплатно да си ја преземат овде: https://drive.google.com/file/d/1UOh6t3Hxzc1FPYPHMJwYv8pYSJQq79Ea/view?usp=sharing
Работник: Каде ја гледате платформата за пет години од сега?
Азманова Мирчевска: Целта е да бидеме невладина организација што суштински ќе ги подобри работните услови за родителите, особено за мајките и нивната благосостојба.
Ќе се фокусираме на најголемите предизвици што ги мачат родителите како грижата на совест, занемарување на своето психичко и физичко здравје, чувството на изолација преку градење заедница, едукација, герила маркетинг кампањи и борба за подобри работни услови.
Затоа, ја користиме оваа можност да ги поканиме и другите невладини организации во земјава што активно работат на овие теми, да ни пишат за соработка на workingmommk@gmail.com. Ние сме спремни да се впуштиме во акција! А вие?