ИнтервјуаНовости

ИНТЕРВЈУ Тасева – Повеќе пари, флексибилен распоред. Фриленсерството во Македонија зема се поголем замав

   Време за читање 8 минути

Фриленсерството во Македонија зема се поголем замав. Според достапните податоци во 2018 година имало 10,000 фриленсери. Најголемиот дел од нив работеле за странски клиенти. Од друга страна, се повеќе компании насекаде низ светот се прилагодуваат на новите трендови кои ги поттикна дигитализацијата, а еден од нив е токму фриленсерството.

Славица Тасева, советник за развој на кариера и тренер за меки вештини во интервју за порталот Работник вели дека фриленсерството нуди многу поголема флексибилност од традиционалните работни места, но и повеќе пари. Таа верува дека компаниите ќе воведат пофлексибилно работно време за да се прилагодат на новите трендови, бидејќи така налагаат самите услови кои во последниве две години ги диктираат процесите на пазарот на труд.

Работник: Одредени податоци покажуваат дека во 2018 година во Македонија имало 10,000 фриленсери. Дали во иднина уште ќе расте бројот на фриленсери, а ќе се намали бројот на традиционални работници? Што вели Вашето работно искуство?

Тасева: Најновите податоци покажуваат дека бројот на фриленсери во нашата земја постојано расте и дека секој 1000 вработен е фриленсер. Голем е бројот и на оние на кои фриленсерството им е дополнителна работа покрај редовната работа. Сфативме дека за се што е ѝ потребно на една компанија да функционира, не значи дека треба да постои специфично работно место во самата компанија. Бројот на компаниите кои би ангажирале надворешен испорачувач на одредени производи или услуги се зголемува. Тие надворешни соработници би можеле да бидат фриленсери или компании. На овој начин може да се избегне процесот на регрутирање, вработување и обука на вработени со полно работно време кои одземаат време и ресурси. На истиот принцип како што ангажираме книговодител, би можеле да ангажираме и некој да ги обавува и другите споредни функции на компанијата.

Работник: Според Вас, кои се причините поради кои се повеќе млади луѓе се ориентираат кон фриленсингот?

Тасева: Она што најмногу ги поттикнува младите луѓе да работат како фриленсери е тоа што нуди флексибилна работа и организација на сопственото време посветено на работа (кога сакам, колку сакам и од каде сакам да работам). Сепак е важно да се напомене дека фриленсинг работата носи одговорности во поглед на квалитет и време на испорака. Вие сте одговорни за целиот продукт или услуга пред нарачателот на работата според услови кои претходно сте ги договориле заеднички. Почнувајќи од понуда, организација на работа, креирање и создавање, контрола до испорака на готов производ или услуга.

Работник: Дали до Вас, како советник за кариера, се обраќааат млади луѓе кои сакаат да започнат кариера како фриленсери?

Тасева: Да, како советник за развој на кариера до мене се повеќе се обраќаат клиенти кои би сакале да започнат да работат како фриленсери. Поголемиот дел од нив се млади луѓе. Фриленсерството им овозможува на младите луѓе побрзо да се вклучат на пазарот на трудот и да почнат да заработуваат додека учат и студираат и да ја стекнат работната навика.

Работник: Со оглед на тоа што фриленсингот нуди флексибилна работа (кога сакам, колку сакам и од каде сакам да работам), дали компаниите ќе бидат принудени да ги променат начините на кои работат?

Тасева: Најголемиот предизвик со кои се соочуваат компаниите е задржување на вработените. Вработените денес се многу помобилни за разлика од пред некоја година.

Отсекогаш било поважно колку  вработениот е продуктивен во работата и колку придонесува кон успехот на компанијата. Иако работниот ден е осум часа, сме се запрашале ли дали сме продуктивни сите осум часа или колку време реално работиме и во кој обем. Уште поважно, кој е придонесот на секој поединечен вработен во целокупната работа на компанијата. Фриленсерската работа овозможува продуктивно работење, односно работење во текот на денот кога сме најпродуктивни без разлика дали тоа е наутро, преку ден или навечер, секој ден во неделата.

Последниве две години ни покажаа дека за сите работни места не е потребно физичко присуство во канцеларија. Верувам дека секаде каде што ќе биде возможно ќе се воведе флексибилност на работните места и работа на далечина или во најмала рака хибриден модел на работа.

Работник: Кога зборуваме за фриленсингот, кон која професија најмногу се ориентираат луѓето кои сакаат да работат како фриленсери?

Тасева: Светот на работата се менува. Со сета неизвесност со која се соочивме во изминатите неколку години, не е ни чудо што луѓето бараат начини да преземат поголема контрола врз својата финансиска иднина. Како резултат на тоа, за фриленсерството како начин на работа размислуваат многумина. Се повеќе луѓе започнуваат нови бизниси или бараат хонорарна работа бидејќи тоа им дава слобода да работат од дома (или каде било), да креираат свои распореди за работа и да заработат повеќе пари.

Најдобриот дел, покрај специфично знаење и вештини за одредени области, се компјутер, добра интернет конекција и вештини за продажба и способност да управувате со сопствениот распоред на работа. Фрленсерите се барани, а штом ќе се етаблирате, вашиот најголем проблем ќе биде да управувате со повеќе клиенти истовремено и да знаете кога да повлечете линија!

Најбараните професии се поврзани со ИТ индустријата, дигитализацијата, податоците, маркетингот и промоцијата како на пр. web developer, graphic designer, content writer, social media specialist, video editor, app developer, data analysis, virtual assistant, па тутори и обучувачи и многу други професии.

Работник: Колку е важно или не е важно формалното образование за да се стане фриленсер?

Тасева: Секое образование е важно и сите вештини што ги поседуваме се важни. Формалното образование ги дава темелите, ширината и длабочината на одредена професија, додека неформалното овозможува за пократок временски период да се стекнат новините за одредена специфична вештина. На работниот процес денес му е поважно што знаеш и умееш да правиш. Уште поважно колку си резилиентен на променливите околности и дали си сакаш да учиш и да се надоградуваш и да бидеш во тек со новините од одредена област или индустрија. Доколку нешто те интересира и поседуваш потенцијал за одредени вештини, можеш да учиш, вежбаш и да ги усовршиш своите вештини до степен на мајсторство. Умешноста за прилагодување, посветеноста во работата и постојаното учење на нови работи е она што дава резултат во перформасите.

Работник: Со оглед на тоа дека ми споменавте дека и Вие сте фриленсер/или дека сте започнале како фриленсер, може ли неколку совети за оние кои сакаат фриленсингот да им биде кариера?

Тасева: Јас започнав како фриленсер за време на ковид кризата. Моето фриленсерство прерасна во бизнис. Во суштина беше тест период пред да ја основам компанијата. Како советник за развој на кариера би рекла дека без разлика со што сакате да се бавите и на кој начин тоа да го правите, најпрво одлучете што е она што сакате да го работите и како тоа за вас треба да изгледа. Направете анализа кои вештини ги поседувате и кои треба да ги надградите. Истражете ги професионалците и фриленсерите во областа и начинот на кој работат. Следно нешто направете план како тоа би го спровеле. И обидете се. Во секој случај бидете храбри да го работите она што го сакате и успехот неминовно ќе дојде. И да не успеете како фреленсер, секогаш може да се вратите на традиционалниот начин на работа.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера