(Инфографик) Луксембург ја има најголемата минимална плата во Европа, Македонија е на дното, но тоа не е се…

Автор: Бобан Илијевски

Македонија и Албанија со 293, односно 268 евра, имаат најниски минимални плати во Европа. Најголема минимална плата има Луксембург – 2,313 евра, додека во нашиот регион по висината на минималната плата лидер сѐ уште останува Словенија со минимална плата од 1074 евра.

Во Германија, држава која важи за најголема европска економија, минималната плата изнесува 1,744 евра.

Податоците се од Европскиот завод за статистика Евростат и се од 2022 година. Користејќи ги истите, редакцијата на порталот Работник изработи Инфографик на кој може да се види која држава ја има највисоката минимална плата, а која најниската.

Сепак, мора да се напомене дека и покрај тоа што Луксембург ја има највисоката минимална плата, како и другите држави во Европа, се соочува со недостиг на работна сила кој најмногу се должи на високите трошоци во земјата.

РТЛ констатира дека странците кои сакаат да живеат во Луксембург често се премислуваат поради високите трошоци.

Повикувајќи се на интернет мрежата на иселеници „Internations“, РТЛ пишува дека Луксембург е рангиран на 48-то место од 52 држави. Само Кипар, Хонгконг, Нов Зеланд и Кувајт се рангирани подолу. Ова значи дека Луксембург е една од најскапите држави за живот од тие 52 земји кои биле рангирани на листата.

71 % од иселениците се изјасниле дека државата ги има едни од најголемите трошоци за живот, коишто се двојно поголеми од светскиот просек од 35 %.

Анализата направена од Европската Комисија, која укажува на тоа дека трошоците за живот и сместување се примарните грижи на жителите на Луксембург, доаѓа до истиот заклучок.

Голем број од иселениците го опишале живеењето во Луксембург како „речиси неиздржливо“. Исклучок од оваа група на луѓе се оние коишто живеат со други во заеднички дом и тие кои имаат плата од шест бројки.

31 % од испитаниците рекле дека нивната плата не е доволна за да живеат пристоен живот. Сепак, 61 % од луѓето кои биле дел од анкетата, велат дека се задоволни од нивната финансиска ситуација. Овој процент, констатира РТЛ, е малку поголем од меѓународниот просек.

Според анкетата, најдобри држави за живеење во Европа, каде што трошоците за живот се помали, се Шпанија и Португалија.

Во Македонија, на сите ни е јасно дека една минимална плата не ги задоволува основните потреби на граѓаните. Две минимални плати пак, не се доволни за пристоен живот на едно четиричлено семејство, бидејќи им фалат над 7,000 денари за да двете минимални плати од вкупно 36,000 денари бидат на исто ниво со трошоците за живот. Магазинот „Капитал“ вели дека за една година трошоците за живот се зголемени за 12 %.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.