ИнтервјуаНовости

Ирена Јакимова, коуч за лидерство: Им помагаме на вработените да прераснат во подобри вработени [ВИДЕО ИНТЕРВЈУ]

   Време за читање 2 минути

Во мојата кариера како новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси имам разговарано со многу професионалци од наведените области, но никогаш досега немам зборувано со некој чиј повик е да им помага на луѓето да станат лидери и го гради нивниот персонален брендинг. Ирена Јакимова, коуч за лидерство и персонален брендинг, ја пронајдов на деловната социјална мрежа LinkedIn и откако го отворив нејзиниот профил, веднаш заклучив дека таа е личноста со која треба да го направам следното видео интервју.

Разговаравме на многу теми. Од нејзината професија, преку тоа што е лидерство и дали лидер се раѓа или се станува, до невро-лингивистичко програмирање и емоционална интелигенција.

Надоврзувајќи се на мојата констатација дека им помага на вработените да станат уште подобри вработени, таа рече:

„Најчесто ме ангажираат луѓето од човечки ресурси или сопствениците на компании, на организации или има случај кога доаѓаат на таа функција и самите се јавуваат за себе пред се’, а после работиме и со тимот. Самите личности, индивидуалните лица кои стапнале на таа позиција добиле одговорност да бидат директор/ка и бараат да работиме или пак кога како компанија нудиме отворени обуки, луѓето сами се пријавуваат или некогаш компаниите ќе пријават за еден, два, четири учесници/чки или четвртиот пример е кога луѓе сами се јавуваат и бараат да работиме заедно на остварување на некои резултати, надминување на некои препреки, и тие се од различни области, сфери, професии. Отприлика тие се изворите како луѓето ме ангажираат мене и тимот кој соработува со мене. Имам примери каде имам работено со жена од соседството која од невладина организација созреа и стана пратеничка во таа земја. Работиме и со невладини и меѓународни организации, не е важно каква е организацијата. Водат проекти, па ќе ме викнат за себе, за луѓето во проектот.“

Јакимова во својата работа применува повеќе методологии, а една од нив, е невро-лингивстичкото програмирање, кое го применуваат светски коучови и кое има за цел да му овозможи на човекот или групата на луѓе да станат подобри во тоа што го работат. Во интервјуто, Јакимова подетално објаснува за оваа методологија.

Се разбира, во текот на интервјуто разговаравме и за лидерството во контекст на кариерниот напредок. Јакимова смета дека не мора секој да има лидерски вештини, но клучно е да покажува иницијатива.

Повеќе во видеото:

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.