И да нема граница, фирмите нема да им овозможат поголем годишен одмор на работниците, а еве и зошто
Подготвил: Бобан Илијевски
Давањето повеќе денови одмор на вработените може да биде дополнителен поттик тие да бидат повеќе посветени на работата. Токму поради тоа, голем број на компании ширум светот на своите вработени им овозможуваат поголем годишен одмор. Тие годишниот одмор го користат и како дополнителен бенефит преку кој настојуваат да ги задржат вработените и да привлечат нови.
Годишниот одмор игра голема улога во текот на работниот век, бидејќи му овозможува на работникот да се одмори од сите работни обврски и да ги наполни батериите, за кога ќе се врати на работа да биде уште попродуктивен и помотивиран.
Во Македонија, и покрај тоа што новиот Закон за работни односи не предвидува граница за тоа колку може да изнесува годишниот одмор, експертите не се оптимисти дека работодавачите ќе им овозможат повеќе денови платен одмор на вработените оти истиот го сметаат за непотребен трошок.
Според Билјана Чкламовска, долгогодишен професионалец од областа на човечките ресурси и познавач на трудовото право, зголемувањето на годишниот одмор сѐ уште не е популарен бенефит во Македонија.
„Постојат одредени работодавачи кои даваат поголем број на работни денови за годишен одмор, согласно Законот за работни односи и Општиот Колективен договор, и на тоа гледаат како на бенефит кои им го овозможуваат на вработените, додека вработените истото го доживуваат како нивно законско право“, истакна Чкламовска.
Нашата соговорничка се осврна и на Законот за работни односи кој е во подготовка, посочувајќи дека со него е предвидено да остане само законскиот минимум на траење на годишниот одмор од 20 дена.
„Тоа значи дека ќе се укине законскиот максимум од 26 дена, така што во иднина, кога новиот Закон ќе биде донесен, работодавачите ќе имаат можност да им даваат на вработените поголем одмор, без законски ограничувања“, објасни Чкламовска.
Но таа не е оптимист дека со измената во Законот ќе има некаков значаен напредок на работничките и човековите права на ова поле.
„Мислам дека, како и досега, работодавачите ќе си се држат до законскиот минимум, заради што, македонските работодавачи годишниот одмор, сосема погрешно, го сметаат за непотребен трошок, а не како влог во најважниот ресурс“, посочи Чкламовска.
Со цел да се избегне оваа пракса, а во насока на вистинско унапредување на работничките права, како член на работната група за изработка на новиот ЗРО, предложила јасно да се дефинира обврска, а не можност на работодавачот да ги применува одредбите од Колективниот договор.
Работодавачите пак, како што вели во продолжение, се бранат со фактот дека има премногу неработни денови со Законот за празници и дека зголемувањето на деновите за одмор негативно ќе се одрази врз работните процеси.
„Мое лично мислење е дека, поголем одмор нема да предизвика негативни последици врз работниот процес, туку напротив, може да придонесе кон создавање на попродуктивна работна средина, доколку однапред јасно се постават правила и доколку има добра и тимска соработка и комуникација помеѓу вработените“, вели Чкламовска.
Зголемениот број на денови за одмор ќе биде дополнителна мотивација за работниците да ја почитуваат својата компанија, а воедно и ќе придонесе тие да бидат повеќе посветени кон постигнувањето на зацртаните цели, заклучи нашата соговорничка.