И сопругата на министерот Крешник Бектеши се вработи во агенција под директни ингеренции на владата

Министерот за економија, Крешник Бектеши ја вработил сопругата во Агенцијата за остварување права на заедниците, која е под директни ингеренции на владата.

Вработена е на местото виш соработник за изработка на проекти во секторот за изработка на проекти и комуникација со невладините организации. Согласност за нејзино вработување дал министерот за финансии Фатмир Бесими, јавува порталот експрес.мк, од каде ги објавија и документите за вработувањето.

Прашан за одговор министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити (Алтернатива), вели дека владата секогаш вработува според заслуги, иако за вработувањето на сопругата на Бектеши првпат слуша.

Пред две години, и сестрата на Бектеши беше вработена во една енергетска компанија, по што во јавноста имаше бурни реакции. Бектеши, тогаш тврдеше дека не ургирал, туку дека сестра му сама се вработила. Реагираше Антикорупциска, која поднесе прекршочна пријава до министерот, заради судир на интереси, по што Бектеши плати казна од 500-тини евра.