НовостиСветот на работникот

Каде потфрлиме во задржувањето на квалификуваните кадри?

   Време за читање 2 минути

Македонија потфрлува во задржувањето на младите квалификувани кадри и квалификуваните кадри воопшто. Според познавачите тоа се должи на трендовите, менувањето на средината поради револотот и политиката која не им дозволи да се докажат во секторите и дејностите во кои сакаат да работат.

Системот во којшто работиме не постави норми за работните места кои имаше претпоставка дека ќе бидат во дефицит, вели Зоран Кочоски, сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“.

Според него, во овој момент не може ништо да се направи, бидејќи не станува збор за потреба од заминување од Македонија, туку станува збор за тренд. Во тој тренд, како што вели нашиот соговорник, делумно влијание има и желбата на секој поединец да се проба на некое друго место, затоа што претпоставка е дека може повеќе да направи, што, имајќи предвид дека Европа во моментов се соочува со економска криза, можеби ќе биде доста тешко за добар дел од работниците да обезбедат подобри услови за живот надвор од Македонија.

Кочоски тврди дека кај некои луѓе постои и потребата да се смени животната средина поради спрегата на политиката со нашето секојдневно живеење и револтот на добар дел од граѓаните кои не сакаат да се изложат на политичките ситуации во Македонија.

Според податоците од Светска банка, 40 % од квалификуваниот кадар од земјава веќе е заминат надвор. Моменталниот годишен просек на иселување, според Државниот завод за статистика, изнесува 12,000 и со тоа Македонија е во топ десет земји во светот по бројот на иселувања во странство.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.