Како да ги искористите меките вештини на интервју за работа?
Едно истражување покажало дека компаниите, при потрагата за работници, бараат една вештина која е многу тешко да се пронајде. Ставањето на сите вештини и знаења во CV-то не е доволно за да се добие нова работна позиција. Вашиот потенцијален шеф сака да види дека сте дисциплинирани, доверливи и дека се грижите за вашата работа.
„Силна работна етика“ е вештината која е број еден кај компаниите кои бараат работници, но според најновото истражување на ADP, истата е најтешко да се најде.
Како дел од своето истражување, ADP анкетирал повеќе од 1,500 сопственици на компании, директори и менаџери за вработување во однос на нивните планови за вработување во 2024 година.
Меките вештини се пресудни
ADP ги прашал малите, средните и големите компании на кои вештини им даваат приоритет при вработување на кандидатите. Техничките вештини играат огромна улога, но пресудни се оние кои се нарекуваат „меки вештини“.
„Силна работна етика“ е небулозен поим, но луѓето кои ја отелотворуваат вообичаено се точни, организирани и ефикасни, и што е уште поважно, подготвени се да вложат уште повеќе за подобро да ја завршат работната задача, покажува истражувањето на ADP.
Останатите меки вештини на кои работодавачите им даваат голема важност при вработување се: решавање на проблеми, комуникација и управување со време.
Менаџерите за вработување со кои разговарал ADP рекле дека горенаведените вештини се едни од најтешките за пронаоѓање кај кандидатите, додавајќи дека силната работна етика и управувањето со време се особено ретки.
Ако нововработениот ги поседува овие вештини, неговите потенцијали и можности се неограничени. Можете да ги подучувате луѓето за одредени технички вештини потребни за работата, но ако нововработениот првиот ден дојде со некои од овие вештини, подучувањето на тие технички работи станува многу полесно, поефикасно и поплодно, рекла Тина Вонг, потпретседателка на одделението за човечки ресурси во ADP, за CNBC Make It.
Како да ги искористите своите меки вештини на интервју за работа?
Истакнувањето на вашите меки вештини може да ви даде конкурентска предност на интервјуата за работа.
Комуникациските и меѓучовечките вештини можат да станат очигледни во првите 5-10 минути од интервјуто. Бидете свои, имајте доверба во своите животни искуства и тие нематријални работи ќе му станат очигледни на работодавачот, рекла Вонг.
За да покажете работна етика, Берт Бин, извршен директор на компанијата за вработување „Insight Global“, препорачува да најдете време за разговор за најтешката работа која некогаш сте ја имале – кога работодавачот ќе ве праша кои се вашите предности или како сте се носеле со предизвиците на работа.
Нацртајте слика за она што го работите секој ден и опишете како по завршувањето на работата сте знаеле дека имата јака етика. Секој има да раскаже своја приказна. Пронајдете ја вашата, вежбајте и раскажувајте со страст, советува Бин.
Тој ја истакнал важноста на објаснувањето на вашиот придонес на последната позиција и како сте помогнале да се подобри крајниот резултат на компанијата. Таквите примери можат да помогнат во илустрирањето на вашата работна етика. Менаџерот за човечки ресурси може да увиди дека „тие не вработуваат само друг соработник, туку некој кој ја разбира работата и е двигател на вредности.“
Дури и ако немате големо работно искуство кое можете да го наведете, Вонг рекла дека можете да се осврнете на она од реалниот свет во кој сте покажале силна работна етика и сте решиле некој проблем.
Извор: BIZLife.rs
Foto: Pixabay
- „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ - 06/06/2025
- ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување - 02/06/2025
- (ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“ - 29/05/2025