ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Синдикатите бараат 35 часовно работно време, работодавачите велат може, но не и во овие сектори

Намалувањето на работното време/работната недела е тенденција која ја следат речиси сите држави во ЕУ, но и пошироко. Кај нас, сѐ уште нема јавна дискусија околу ова прашање, иако дел од синдикатите веќе заговараат работна недела од 35 часа.

Според Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватен сектор, развојот на технологиите во производните процеси резултира со постигнување на поголема ефикасност во работењето, а истовремено создава и реална основа за намалување на работната недела на 35 часа.

„Намаленото работно време ќе создаде можност за похумана работна средина и повеќе време за одмор на работниците, за потребите на нивните семејства и сопствен образовен и стручен развој, што е особено важно затоа што човечкиот потенцијал е најважниот ресурс на секоја држава“, вели Пешевски.

Намалувањето на работното време, дообјасни тој, ќе придонесе да се зголеми благосостојбата, да се намали стресот, заморот, анксиозноста, со што ќе се подобри и менталното здравје на работниците, а и ќе се унапреди балансот помеѓу приватниот живот и работата. Ваквите подобрувања ќе резултираат со поголема продуктивност на работниците.

Предлогот на ССМ за намалување на работното време на 35 часа, вели Пешевски, се однесува на сите работници и истиот бил даден во постапката за донесување на новиот Закон за работните односи која трае повеќе од 7 години.

Според нивните сознанија, рече тој, работодавачите не се расположени за намалување на работното време, додавајќи дека сите прашања треба да се решаваат преку социјален дијалог.

„Сведоци сме и на менување на Законот за работните односи по скратена постапка без учество на синдикатите во насока на уредување на можност за зголемено работно време над законските 40 часа неделно за работниците кои работат на стратешки проекти, за што Сојузот ја синдикатите на Македонија беше изречно против“, посочи Пешевски.

Тој уште еднаш ја искажа разочараноста од одлуката на Уставниот суд да не ги укине овие законски одредби од ЗРО.

Намалување на работното време, но во развиените дејности

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров вели дека до барање за намалување на работното време дошло поради промената на стопанската структура и подигањето на општиот стандард во развиените економии. Како што вели, сите развиени држави го преселиле своето индустриско производство во неразвиените земји и кај нив преовладуваат услугите и високата технологија.

За него не е никаков проблем во развиените сектори, онаму каде што има висока продуктивност и креативност на вработени, да се намали работното време, а притоа да се задржат постојаните плати. „Дури тоа е пожелно да се направи и кај нас“, додаде тој.

Сепак, во индустриите со пониска додадена вредност, каде и покрај новите технологии, учеството и значењето на работната сила за остварување на производството остануваат пресудни фактори, намалувањето на работното време нема да се одрази добро врз работниците и компаниите.

„Ваква е состојбата со трудоинтензивните дејности: текстилната индустрија, градежништвото, земјоделието и некои други сектори од преработувачката индустрија. Во овие дејности работното време не може да се намали со зголемена продуктивност и ќе предизвика помало производство, помали приходи и помалку средства за исплата на платите. И не само тоа, туку ќе предизвика и помала рентабилност на компаниите и ќе ја загрози нивната конкурентност на меѓународните пазари“, истакна Димитров.

Оваа идеја, порача тој, треба да се воведе како можност која ќе ја имаат компаниите, а не како задолжително законско постапување.   

Една од македонските компании веќе воведе четиридневна работна недела. Повеќе прочитајте тука.

Порталот Работник неодамна спроведе и анкета. Анализата можете да ја најдете тука.

Фото: Pixabay

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk