Не премолчувајте го прекршувањето на вашите работнички права!
Многупати досега имам пишувано на теми за работничките права. Имам споделувано и мои лоши искуства од минатото. Затоа решив ова писание да го посветам на тоа да ве охрабрам да го подигнете гласот кога ви ги прекршуваат работничките права.
Не сакам да ви попувам или да ви се правам паметен (како што напиша еден во коментарите под мојата претходна колумна), не ми е тоа целта. Мојата желба, пред се’, е да ви помогнам – иако е тоа само преку зборови. Би сакал и други да пишуваат и да споделуваат свои искуства, но луѓето многу тешко се охрабруваат да го направат тоа. Еј, па кој сум јас да им замерам? Немам поим со какви проблеми се соочуваат во животот, па оттаму нмам ни право да им судам. Знам само дека како новинар задача ми е да пишувам за работничките права.
Податоците од терен говорат дека прекршувањето на работничките права е намалено во споредба со пред десет години и повеќе. Сепак, се’ уште во голема мера постои. И никогаш нема да биде целосно сузбиено. Да, би било – кога би немало воопшто работници. А како што изгледа ситуацијава – кон тоа и одиме. За жал.
Би ги охрабрил сите кои се соочуваат со какво било прекршување на работничките права да го кренат својот глас. Да се обратат до синдикат, правник или пак да зборуваат директно со работодавачот. Молчењето често знае да биде моќна алатка, но во овој случај нема да ви помогне.
Немојте да ме разберете погрешно – не велам дека треба веднаш да дадете отказ од работа. Прво би требало да се обидете да го решите проблемот. А ако другата страна не сака да излезе во пресрет, тогаш отказот можете да го земете предвид како можна солуциија. Нагласувам – ова е лично мое мислење и не мора да се прифати. Знам дека ќе има коментари од типот: „Не сум во ситуација да дадам отказ“ или „Тешко ми е да најдам нова работа“…. Во ред е, разбирам. Сепак би требало да го адресирате она што ве мачи. Работодавачот ќе сака да ве слушне. Зашто во време кога има огромен недостиг на работници, двапати ќе размисли дали туку-така ќе ја отфли вашата грижа.
П.С. Знам дека оваа не е класична колумна, но јас сакам да тестирам различни стилови и начини на пишување. 😉

