НовостиСветот на работникот

Како да напишете МОТИВАЦИСКО ПИСМО?

   Време за читање 4 минути

CV како термин верувам дека им е познат на многумина, но терминот мотивациско писмо… може да звучи малку апстрактно. За таа цел, во денешниот текст ќе погледнеме што претставува мотивациско писмо и како истото се пишува, во соработка со експерт од областа на човечките ресурси.

Имено, станува збор за Билјана Чкламовска, Раководител на Сектор за правни работи, човечки ресурси, правна и етичка усогласеност во ХТЛ Македонија, дел од групацијата Новоматик.

Некои компании, вели нашата соговрничка, имаат пакет за аплицирање што содржи пропратно мотивациско писмо, кратка биографија (CV), писмо со референци и препораки, сертификати за формалното образование, диплома од универзитет и други докумените кои докажуваат дека имате и дополнителни знаења.

„Мотивациското писмо се подготвува врз основа на барањата за работното место за кое се конкурира, доколку тоа се бара во објавениот оглас, врз основа на бројот на огласот и називот на работното место“, вели Чкламовска. 

Доколку се истражи на интернет, можат да се најдат теркови на мотивациски писма, објасни нашата соговорничка. Во писмото обично се сумираат податоците за образование, работно искуство, достигнувања и унпаредувања, меки вештини, стручни познавања, обуки и сл., додава таа.

„Потоа се истакнуваат информациите кои кандидатот ги има за дејноста и работењето, кои се специфицирани во барањата на работното место и потребите на работодавачот каде се конкурира. Информациите треба да бидат наведени во кратки, јасни и прецизни реченици. На крај се истакнува која е вашата мотивација да аплицирате на определеното работно место, и каква е поврзаноста на вашата стручност, квалификации, знаења и вештини со работното место, односно, зошто токму вие сте соодветен за работната позиција и да ја изразите вашата отворена желба да ви се даде прилика да бидете дел од тимот и да придонесете кон остварување на целите на компанијата. Тоа е всушност најважниот дел, да чуе компанијата каква корист ќе има од тоа да ве ангажира токму вас. Многу е важно писмото да биде адресирано до конкретна личност (обично оној кој регрутира).

Со оглед на тоа дека регрутерите немаат време да читаат долги текстови, мотивациските писма треба да бидат кратки и јасно и е најдобро да бидат на една страна, вели Чкламовска. Таа советува дека важно е писмата да бидат граматички или правописно беспрекорни, бидејќи регрутерите ги читаат со големо внимание, нагласувајќи дека особен впечаток оставаат писмата кои се оргинални.

Чкламовска посочи дека таа лично е поддржувач на помалку формален пристап во апликациите за работа, а мотивциското писмо го смета за тотално непотребно. Претпочита и што поконцизни и пократки биографии.

„Сметам дека мотивациското писмо е обичен шаблон, може да го состави некој друг, а не самиот кандидат. Во денешно време апликантот може да ја искористи и вештачката инетелигенција (на пр. ChatGPT ќе му состави одлично мотивациско писмо), па судејќи според совршеното мотивациско писмо, да добиете лажна слика дека го имате совршениот кандидат, а на интервју тотално да ве разочара“, вели Чкламовска.

На Чкламовска подобро ѝ е кандидатите да ги види на интервју и на тој начин да оформи комплетна слика за нив, според начинот на поздравување, претставување, изразување, според гримасите на лицето и според говорот на телото.

„Не дека и на интервју не може да се направи погрешна проценка, напротив, и најискусниот регуртер може да погреши, бидејќи постојат луѓе кои знаат одлично да се продадат претставувајќи се себеси за нешто што не се, ама интервјуто и проверката на знаења, според мене, си остануваат најкорисни алатки за пронаоѓање на вистинскиот работник“, истакна Чкламовска и додаде:

„Поради сето ова сметам дека мотивациското писмо полека влегува во историјата. Ако забележувате, веќе на сите сајтови за барање работа постои опција за брза апликација и таа е најкористена.“

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера