Како интровертите да се справат со интервјуата за работа и социјалните ситуации на работното место?
Веќе подолго време барам професионалец од областа на човечките ресурси кој може да ми даде совети за интервјуата за работа кои ќе ги споделам со читателите на порталот Работник. Пребарувајќи по интернет, наидов на една колумна од Викторија Дамчевска, професионалец од областа на човечки ресурси и Head of People Operations во ИТ компанијата „GrabIT“, во која пишува за интровертните луѓе.
Дојдов до идеја да ја контактирам за да направиме интервју во однос на тоа како интровертните луѓе би требало да се подготват за интервју за работа, како да се снаоѓаат во социјални ситуации на работното место, перспективите коишто ги носат на работните места, како и нивните посилни страни, односно способностите.
За да биде појасно, разликата помеѓу интровертните и екстровертните луѓе е во тоа што интровертните повеќе се фокусираат на внатрешноста (мислите и идеите), а екстровертите се повеќе насочени кон надворешниот свет.
Во продолжение интервјуто:
Илијевски: Во една од Вашите колумни пишувате за интровертните кандидати за работа, па би сакал да Ве прашам – што треба да направат интровертите за што е можно подобро да се подготват за интервју за работа?
Дамчевска: Првиот совет што би го дала е еднаков и за интровертните кандидати и за екстровертните, а тоа е подготовка пред интервјуто. Тоа подразбира, пред сѐ, истражување на компанијата со која имаме интервју, но во голем дел од случите, корисно е да се истражи и личноста со која имаме интервју. Ова е особено важно за интровертните кандидати, затоа што ќе им помогне подетално и поточно да го визуелизираат интервјуто со што е возможно поголем број на поединости. Луѓето најчесто имаат страв од непознатото и од новите ситуации, па оваа подготовка ќе ни помогне да се запознаеме со ситуацијата предреме, што потенцијално ќе ни смали голем дел од анксиозноста. Кога јас сум се подготвувала за интервју како кандидат, ми помагало да додадам лик на „страшниот“ интервјуер преку наоѓање на слика на интернет, што ме потсетувала дека од другата стана има човек кој разговара со мене.
Другиот дел од подготовката се одговорите на прашањата. Факт е дека најчесто интервјуерите користат комбинација од стандардни и нестандардни прашања (последните прилагодени за специфичниот кандидат). Од друга страна пак, факт е дека на интровертните кандидати им треба повеќе време, затоа што се интроспективни, да го оформат својот одговор на прашањето. Кога знаеме дека дел од прашањата се стандардни како: „Раскажи ми за тебе“, „Кажи ми ситуација со која најмногу се гордееш“ или „Раскажи ми предизвик со кој си се соочил/а на работното место и како си го решил/а“, тоа им помага на интровертните кандидати да размислат пред интервјуто околу своите одговори.
Секако, тоа што исто може да го направат во текот на самото интервју е да побараат малку време за да го осмислат својот одговор. Не верувам дека постои интервјуер кој би зел за зло доколку кандидатот побара малку време да размисли. Тоа покажува дека кандидатот го сфаќа интервјуто сериозно и дека сака да го даде најдобриот можен одговор. Дополнително, кога се размислува околу одговорите на бихевиоралните прашања, што се чести во секое интервју за работа, добро е да се знае дека одговорот најдобро е даден користејќи го методот STAR (Situation, Task, Action and Result).
Времето на интервјуто е исто така важно за интровертните кандидати. Да се потсетиме, интровертноста не е еднаква со срамежливоста, што претставува страв од отфрлање од заедницата или страв од понижување, туку со тоа од каде ја црпиме енергијата. Интровертните луѓе ја црпат од себе, за разлика од екстровертните кои ја црпат од надворешната средина, па социјалните и хиперстимулирачките ситуации ги полнат со енергија, за разлика од ефектот што го имаат врз интровертите кои се трошат при ваквите моменти. Затоа би било добро доколку интровертните кандидати немаат некои поголеми социјализирачки активности пред самото интервју кои би им ја потрошиле енергијата. Доколку имаат шанса да предложат време за интервјуто, треба да изберат термин кој најмногу им одговара, односно кога знаат дека би биле полни со енергија, за да можат да ја „издржат“ оваа, за нив, анксиозна социјална интеракција со максимално ниво на ентузијазам.
Дополнително, би било корисно интровертните кандидати да запомнат дека е важно да бидат позитивни и да се насмевнуваат во текот на интервјуто, особено на почетокот, колку и тоа да звучи како нешто занемарливо. Факт е дека луѓето го креираат првиот впечаток во првите неколку секунди од запознавањето со нови луѓе, па би било од помош доколку се покажеме како ентузијасти и оптимисти на интервјуто. Секако, доколку тоа не се коси со нашата автентичност.
Да запаметиме дека секој интроверт бил соочен со екстровертна ситуација во која морал да се прилагоди, како на пример интервју за работа или презентација. Доколку ова е временски ограничено, истото нема да претставува проблем за менталното здравје на интровертите, но доколку работата или животот воопшто изискуваат постојано глумење екстроверт, тоа може да доведе до синдром на согорување.
Илијевски: Со оглед на тоа што интровертите потешко се снаоѓаат во социјални ситуации, а интервјуто за работа е таква ситуација, како менаџерите за вработување би требало да го водат интервјуто со нив, со цел да им овозможат што е можно подобро да ги дадат одговорите на поставените прашања?
Дамчевска: Според процените, од една третина до една половина од луѓето покажуваат интровертни тенденции (со различно ниво на застапеност), што значи дека сосема е веројатно дека менаџерите за вработување често ќе се соочуваат со интровертни кандидати и треба да научат како да го прилагодат интервјуто, за да им дадат простор да се покажат во вистинско светло, но и да се потрудат што е можно повеќе да ја тргнат својата пристрасност. Се случува менаџерите за вработување да ги изедначат компетентноста со самодовербата, па да мислат дека најгласните или тие што се спремни веднаш да одговорат се најподготвени или најдобар фит за позицијата. Но, тоа не е секогаш точно и треба сме доблесни да го погледнеме реалистично изворот на нашите предрасуди: западниот свет ја промовира екстровертноста како идеал кон кој треба да се стремиме, иако тоа не би требало да е така.
Откако ќе станеме свесни за сопствените предрасуди и спремни да гледаме вон истите, само тогаш ќе можеме пообјективно да ги процениме нашите кандидати. Доколку самата работна позиција не е базирана врз нивото на развиеност на комуникациските вештини, сосема е непотребно истите да се земаат како пресудни, за да одлучиме дали еден кандидат е добар за позицијата.
Втора работа што менаџерите за вработување можат да ја направат е да го избегнат small talk–от на почетокот на интервјуто, или тоа што често го викаме „такси муабет“ (за времето, за сообраќајот итн.), што некогаш се прави на почетокот на секое интервју. На интровертните кандидати знае да им е непријатно да се впуштат во ваквиот тип на разговори и кои, иако се со цел да го опуштат кандидатот пред интервјуто, може да го имаат сосема спротивниот ефект врз нив.
Трет совет би бил да се обидат да му парираат на кандидатот во нивото на енергија, интонација, гласност, за да остварат подобра конекција со истиот. Ова не е специфичен совет само за интровертните кандидати, туку е совет за било кое интервју и кој ќе ја олесни целокупната интеракција. Mirroring како техника би им помогнала на кандидатите да се опуштат и да направи интервјуто да им биде попријатно.
Секако, надоврзувајќи се на првиот одговор – да му остават на кандидатот време да подразмисли. Интровертите имаат тенденција да се аналитички настроени, па оставањето малку време да размислат пред да одговорат ќе ни помогне да го извлечеме најдоброто од нив.
И, за крај, активно слушање, нешто што е важно за секое интервју, што би значело посветување на нашето целосно внимание како интервјуери на кандидатите, со покажување интерес и поставување на дополнителни прашања, за подобро осознавање на кандидатот, не оставајќи простор за информациски дупки кои човечки, потоа се полнат со предрасуди и пристрасност кои би нѐ навеле да донесеме погрешни одлуки.
Илијевски: Како еден кандидат за вработување којшто пелтечи, а со самото тоа е и интроверт, треба да се подготви за интервју за работа?
Дамчевска: Овие работи би рекла дека не одат заедно по дифолт, затоа што интровертноста, како што беше споменато погоре значи дека енергијата ја црпиме одвнатре и дека социјализацијата нѐ троши. Без разлика на тоа, би се надоврзала на одговорите дадени на првото прашање, а во насока на подготовка, визуелизација и вежбање на одговорите и истите би ги надополнила специфично за овој контекст. Целосно можам да разберам колку еден кандидат кој пелтечи би се чувствувал ранливо во текот на ситуација во која треба да се покаже во најдобро светло, преку зборување. Иако не е истата состојба, во текот на минатата година, лично јас имав операција од која како последица добив вокална парализа и гласот ми се враќаше во етапи, правејќи го непрепознатлив дури и за мене, а дишењето ми беше отежнато. Оваа функционална оневозможеност во период кога активно работев ме направи свесна за нивото на ранливост кое може да го предизвика секоја интеракција на професионален и личен план.
Мојот начин да се справам со неа беше огромна подготовка пред секоја професионална интеракција, но и искреност со себе и соговорниците. Јас својот проблем го признавав пред луѓето со кои имав професионална интеракција уште на самиот почеток и тоа би го препорачала и на кандидатите кои пелтечат, затоа што тоа не е ништо за срамење, ниту за криење и не треба да е пресудно, особено за позициите кои не бараат секојдневна лична комуникација. Ваквиот начин на признавање сметам дека ќе тргне дел од притисокот што кандидатите ќе го чувствуваат за време на интервјуто.
Од друга страна пак, во време во кое HR –те треба да работат на емпатија, на креирање на работни култури во кои се прифаќаат и слават различностите и се даваат еднакви можности на сите, не сум сигурна ни колку кандидатите кои пелтечат би сакале да работат за компании кои им судат за тоа. Неретко нема погрешни кандидати, има погрешни позиции во погрешни компании. Интервјуто е двостран процес.
Илијевски: Како интровертите можат најдобро да научат да се снаоѓаат во социјални ситуации на работното место?
Дамчевска: Најважното за еден интроверт за да функционира на работното место е т.н. социјална батерија. Веќе споменавме дека секој интроверт енергијата ја црпи одвнатре, па хиперстимулирачките социјални интеракции го трошат. Следствено на тоа, секој интроверт треба да најде начин како да ја наполни таа социјална батерија. Доколку има опција и слобода за тоа, доколку има работа која побарува состаноци, интровертот треба да креира паузи или време за полнење на оваа социјална батерија меѓу нив. Исто така, паузите во текот на работното време можат да бидат искористени за оваа намена, за време на кои интровертот може да биде сам со своите мисли или барем не меѓу премногу луѓе. Треба да се бара оптимално ниво на стимулација од надворешната средината, а планирањето на распоредот во текот на работниот ден ни го овозможува токму ова. Во насока на планирањето, исто така би било убаво да се дозираат ваквите интеракции, па да се избегнат ситуации во кои ние како интроверти ќе ги закажеме сите состаноци во ист ден. Би било далеку покорисно доколку се поделат во различни денови.
Второ нешто што би им помогнало на интровертите во социјални ситуации на работното место е да имаат време за подготовка. На пример, многу е корисно доколку се свика состанок и истиот има агенда и сите учесници имаат време да се подготват и да ги запишат своите мисли како забелешки пред состанокот, отколку состаноците да се свикуваат ад хок. На интровертните луѓе едноставно им треба повеќе време за интроспекција и би било корисно работните организации да бидат свесни за тоа. Подготовката пред состаноци со визуелизација би можела да биде особено корисна за интровертите, за да можат да се спремат и да се соочат полесно и поефикасно со социјалната ситуација. Исто така, компаниите треба да сфатат дека многу состаноци би можеле да бидат само мејлови.
Хибридната работа или целосното работење од дома, доколку е опција, исто така оди во полза на интровертите и треба да ја користат максимално доколку можат, затоа што им дава слобода да ја искористат својата енергија во насока на работата на начин кој не побарува постојана интеракција со луѓе и ќе им помогне да бидат стимулирани на оптимално ниво. Се разбира, надворешната стимулација може да се однесува и на бучава, џагор, интеракции итн.
Доколку хибридната работа или работата од дома не се опција, тогаш интровертите би требало да имаат простор за себе каде што ќе можат да се повлечат и да се оттргнат од надворешните стимулации. Во контекст на ова, особено помага кога компаниите имаат отворени простори – коишто повеќе се наменети за екстроверти, во комбинација со мали канцеларии или катчиња кои би биле добри за полнењето на социјалните батерии на интровертите.
За крај, иако ова е порадикално, интровертите треба да размислат добро околу изборот како ќе ја работат нивната работа и дали самата работна позиција би ги трошела на долг рок. Долгото, намерно прилагодување на социјални ситуации како екстроверт без паузи во кои можеме да сме автентични може да нѐ истроши и да доведе до синдром на согорување и емоционална дисонанца. На крајот на краиштата, корисно би било да сме среќни на својата работа и да чувствуваме дека прилагодувањето го правиме со некаква цел и намена. Интровертите не треба да глумат екстроверти, туку да се автентични и да го задржат своето „јас“, а истовремено да се прилагодат на социјалните ситуации, тргнувајќи од претходните искуства.
Илијевски: Во истата колумна во која пишувате за интровертите, велите дека тие нудат поинаква перспектива и имаат способности кои им даваат предност пред екстровертите. Објаснете ни повеќе околу ова?
Дамчевска: Тешко е да се замисли дека интровертите би имале каква нова, поинаква перспектива или би имале некаква предност пред екстровертите во свет кој е создаден да ги наградува и да ги цени екстровертите како поспособни. Но, не може да сме подалеку од вистината ако мислиме дека естровертноста треба да ни е идеал на однесувањето и живеењето. Истражувањата покажуваат дека нема разлика во просечниот коефициент на интелигенција помеѓу екстровертите и интровертите, разликата е единствено во пристапот.
Интровертите се одлични слушатели и повеќе се посветени на сопствените мисли и на апсорпција и анализа на тоа што соговорникот го кажува. Екстровертите слушаат за веднаш да одговорат. Интровертите се со вродена способност за анализа, темелност и подетално размислување пред да одговорат или да донесат одлука, што ги прави одлични за позиции во кои се бара поголема посветеност на деталите и систематичност. Многу иноватори се токму интроверти, затоа што креативноста често доаѓа од затвореноста во себе и од црпењето енергија од сопствените мисли.
Воедно, многу лидери се интроверти. Кога се обидуваме да замислиме еден лидер, нашата претстава најчесто е во насока на екстровертност, гласност, зборливост, а во некои случаи и агресивност. Сузан Кејн во „Тишина“, на пример, зборува за Soft Power, за меката моќ на интровертните лидери кои се потпираат не на надвикување на соговорникот, туку на поставување прашања, на осознавање, на издржливост, упорност и мек отпор за постигнување на нашите цели како интроверти, преку мирно и трпеливо преговарање со анализа на спротивната страна или на соговорникот. Интровертите се често пофокусирани на својата цел и систематично ги планираат чекорите за да ја остварат, затоа што не се фокусирани од брзи, непосредни награди.
На светот и на работните организации им требаат интроверти исто колку што им требаат екстроверти, затоа што рамнотежата е важна и различните пристапи и перспективи се корисни. Едноставно треба да создадеме средини во кои секој би бил автентичен, за да можеме да го извлечеме најдоброто од луѓето.
Фото: Приватна архива

