Uncategorised

Како Македонката Форсина Ирис од самовработена дошла до тоа стане редовна сезонска работничка во Хрватска

   Време за читање 2 минути

Фросина Ирис била сопственичка на продавница за облека, но кога коронавирусот се раширил низ Европа и ја погодил Македонија, нејзиниот бизнис банкротирал поради долгови, како што тоа се случи и со многу други мали компании. Државата и помогнала само еднаш, со тоа што и ѝ исплатила 14, 500 денари, пари кои беа дел од пакетот на мерки за помош на работниците. Но, овие пари не биле доволно за да се справи со долговите, па Фросина морала да стави клуч на врата.

Барајќи поплатена работа, таа видела дека Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија (дел од Конфедерацијата на слободни синдикати) имал објавено пост на Фејсбук преку кој нудел „ синдикализирани работни места“ на сезонски работници во хотели во Хрватска за основна плата од 900 евра, зависно од работната позиција. Таа го контактирала синдикатот и по некое време добила работа како готвач во еден хотел покрај Јадранското крајбрежје.

„Морав да ги исплатам долговите и ‘повторно да застанам на нозе’. Ова беше најдобрата опција за мене“, рече Фросина Ирис.

Со парите што ги заработила од сезоната ги покрила долговите и продолжила да работи во хотелот. Оваа година е нејзина трета сезона.

Пред да има сопствен бизнис, Фросина работела и како готвач во неколку македонски ресторани.

„Повеќето од рестораните не ми даваа никакви договори за работа, а платата беше мала – 300 евра. Тука во Хрватска, имам договор, бонуси и редовни исплати за прекувремена работа. Мојата сегашна плата е 1,200 евра и ќе продолжи да расте како што расте моето искуство“, рече таа.

Со парите кои ги заштедува од осум месечната сезонска работа, ѝ помага на нејзината болна мајка и нејзината ќерка, и сѐ уште и остануваат пари до следната сезона, која започнува во март а завршува во октомври.

„И покрај тоа, додека сум во Македонија работам во ресторани бидејќи научена сум да бидам активна“, рече Фросина.

Во 2021 година, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Сојузот на автономни синдикати на Хрватска потпишаа Меморандум за соработка со кои македонските сезонски работници (членови на синдикатите) се заштитени, на начин што се вработуваат во компании со кои хрватскиот синдикат има потпишано колективни договори.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.