НовостиСветот на работникот

Кариера и семеен живот: Како жените да постигнат баланс?

   Време за читање 6 минути

Граѓаните имаат различни ставови за тоа дали една жена може во исто време да има успешна кариера, но и да се посвети на семејството.

Но, се согласуваат дека брзиот начин на живот носи многу предизвици.

„Може, секако. Жената наутро ако е на работа, попладне има време за децата и за куќата“, вели Кефсера Дураковска, граѓанка.

Следната наша соговорничка смета дека многу тешко една жена може да биде успешна на двете полиња.

„Не, системот не ни чини. Порано се живееше со една плата, можевме и куќа да направиме, парите вредеа, системот во државата беше среден, а сега немаме ништо. Сега жената мора да трча по обврски, нема време ниту за децата, ниту за куќата“, кажа Младенка Стефановска, граѓанка.

Друг повозрасен граѓанин вели дека иако е тешко, сепак ако жената е упорна, организирана, може да напредува и во кариерата и да се посвети на децата.

„Може, само жената ќе биде оптоварена и ќе има многу обврски. Ќе трча цело време. Некои жени успеваат, но со поддршка од семејството“, рече Благоја Јаневски, граѓанин.

Катерина Златановска Попова, советничка за развој на кариера и обучувачка за меки вештини вели дека е тешко да се даде едноставен одговор на ова прашање, веројатно бидејќи е вечна дилема и вистински предизвик од многу аспекти.

„Мене ме засега и лично и професионално и затоа ќе се обидам да го одговорам и од аспект на мајка и сопруга и од аспект на советничка за развој на кариера. Прво, би сакала да се осврнам на значењето на зборот „успешна“ (било да е кариера или мајка и сопруга), и да нагласам дека секоја жена (и воопшто индивидуа) има слобода да си го толкува на свој уникатен начин. Она што е успех за мене, не значи дека е успех и за некоја друга личност, и токму затоа во најголем дел од времето нашите очекувања и притисокот за нивно постигнување се најчестата причина да чувствуваме дека потфрламе на некое поле, или професионално или приватно. Второто на кое би се осврнала е „градење кариера“, и повторно би нагласила дека за секоја личност тоа е многу различно. Всушност, низ моето долгогодишно искуство, можам да потврдам дека секој од нас има свое разбирање за што е тоа кариера и како таа треба да изгледа и да се развива. И на крајот, не сметам дека кариерата и семејството се исклучуваат и е прашање на или едното или другото. Лично, не би сакала да размислувам во насока дека ако сум успешна во мојата кариера, тогаш не сум добра мајка и сопруга, и обратно, ако сум добра мајка и сопруга тогаш сигурно не можам да имам и успешна кариера. Во 24 часа, секоја од нас има повеќе улоги кои ги „игра“ истовремено или едната ја заменува со друга, и едноставно е прашање на лична одлука како ќе ги распредели даденото време и избраните улоги без при тоа да чувствува вина или притисок дека мора да биде совршена во сè“, вели таа.

Додава дека баланс всушност не значи идеална рамнотежа, како пола пола. Вели дека најголем успех и постигнување е да се постават вистинските приоритети во различните фази и низ различните улоги во нашиот живот да си дадеме дозвола, во одреден период, нешто да ни биде поважно и да ни бара повеќе внимание и енергија од друго. 

„Ако се ослободиме од очекувањата и мислењето на другите и да имаме одговор на прашањето зошто тоа ни е во моментот приоритет, тогаш ќе може да се чувствуваме задоволни. Кога ќе постигнеме да ни биде доволно тоа што го имаме, наспроти да трагаме за она што го немаме, тогаш ќе живееме вистински среќен и исполнет живот кој неизбежно е составен од професионални и приватни делови.  Јапонците тоа го нарекуваат Икигаи, или живот со смисла кој може да го постигне секој кој ќе тежнее да го работи она што го сака и има соодветни знаења и вештини, а воедно е нешто што е потребно и внесува промени и вредност во животите на пошироката заедница“, објаснува Златановска Попова.

Според неа, во Македонија во моментот живееме со многу различни предизвици, ситуацијата е прилично комплексна и постои огромно поместување на пазарот на трудот поради дигитализацијата и одливот на квалитена работна сила, недостигот на обучени работници, но и во поглед на потребите и очекувањата на луѓето.

„Она што со сигурност можам да го потврдам е дека од времето на пандемијата во 2021 година наваму, сè повеќе луѓето од сите генерации се заинтересирани да го работат она што навистина го сакаат и ќе им претставува задоволство, а при тоа ќе им носи и приход, и се подготвени да направат промена на работното место па дури и во кариерата, почнувајќи сосема нова професија. За новата, млада генерација, оние родените по 2000 година, превладува желбата со својата работа да прават некаква општествена промена, да влијаат на напредокот на заедницата и да внесат поголема вредност за сите преку нивната работа во флексибилни работни услови и градејќи хибридни кариери што е воедно тренд во сите западни земји во моментот“, рече Златановска Попова.

Инаку, податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека жените во Македонија заработуваат помалку од мажите и се помалку активни на пазарот на труд. Во 2020 година стапката на учество на жените на пазарот на трудот изнесуваше 45,7 отсто. За споредба, во истата година стапката на учество на мажите на пазарот на трудот изнесуваше 67,1 отсто.

Извор: faktor.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *