Вести

Коментар: Се ближат деновите кога ќе ни ги земат сите работници

Автор: Бобан Илијевски

На луѓето во Македонија повторно им се отвори прилика да заминат во Германија. Бизнис секторот стравува дека недостигот на работна сила ќе се зголеми до тој степен да нема работници. Владата не мрда со прст за да го спречи одливот на работници.

Пред да продолжам понатаму би сакал да го цитирам воведот од една статија која вчера ја објави порталот Вечер.Прес, кој оди вака:

“На висококвалификуваните работници од Македонија и другите земји надвор од ЕУ им се олеснува патот за влез во Германија. Со последните измени на законот за имиграција на квалификувани работници кои стапија на сила од ноември на работниците кои немаат понуда за работа им се овозможува да престојуваат во земјата една година додека бараат работа со полно работно време, а во меѓувреме ќе можат да работат до 20 часа неделно”.

Како и што напишав неколку пати претходно, Германија, но и другите високо развиени европски земји ќе започнат да изнаоѓаат креативни решенија за да го надоместат недостигот од работна сила. Германија, како земја пионер во изнаоѓање на начини за привлекување на работници, како и секогаш, прва го скрши мразот.

Имено, како и што се наведува во горенаведениот цитат, висококвалификуваните работници од Македонија од овој месец, иако немаат понуда од германски работодавач, ќе можат да престојуваат една година во земјата додека бараат работа на полно работно време, притоа за тоа време ќе можат да работат на половина работно време или 20 часа.

Ова значи дека оние висококвалификувани работници, како инженерите на пример, ќе можат многу полесно да заминат во Германија. Сепак, мислам и дека во иднина уште повеќе простор ќе се отвори и за нискоквалификуваните, бидејќи на државата ѝ се потребни секаков вид на работници.

И додека другите држави во Европа изнаоѓаат начини како да привлечат работници од помалку развиените земји, нашата Влада со прст не мрда да ги задржи квалификуваните работници. Сѐ се темели на празни ветувања и некакви си стратегии кои им се добри само на хартија, а во пракса не се спроведуваат. Од друга страна, приватниот сектор, со чест на исклучоците, сѐ уште се потпира на тезата дека треба да расте продуктивноста, за да растат и платите, но по сѐ изгледа ќе испадне додека да порасне продуктивноста, за да се зголемат платите, ќе се иселат работниците.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk