Ковачевски уверува: Мерките се намалување на трошоците, а не за раскинување договори за работа

Премиерот Димитар Ковачевски денеска потврди дека ниту еден вработен нема да остане без работа, а мерките што ги донеле како Влада, се однесуваат на намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата.

– Мерките се однесуваат на намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата, и исто така зголемување на приходите. Ниту јас, ниту кој било министер има кажано дека на некој вработен ќе му биде раскинат договор и дека ќе остане без работа, а тоа го потврди и министерката за труд и социјална политика, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, по отворањето на втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ во ТИРЗ Скопје 1.

Ковачевски појасни дека намерата е менаџерите, директорите на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, како и на другите институции, да применуваат најдобри менаџмент практики со цел да ги намалат трошоците.

– Исто така, сите институции треба да видат кој е нивниот оптимален број на вработени, кој е тој оптимален обем на работа што го имаат во текот на денот, бидејќи да не заборавиме, ако ротираат вработените, и тоа веќе го прават приватните фирми, како и низ целиот свет, ако дел од работниците користат одмор во време кога е најскапа електричната енергија, ако ги ротираат вработените за да има работа од дома, тогаш ќе се намалат трошоците не само за вработените, туку и трошоците поврзани со работењето, како што е греење, осветлување, кажа Ковачевски.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во саботата рече дека ќе нема отпуштања и намалување на платите на вработените во администрацијата.

Тренчевска кажа дека во политиката за намалување на расходите нема ниту една таква мерка, туку тоа се препораки како да се заштеди во јавниот сектор со цел парите кои ќе бидат заштедени да одат во реалниот сектор. – Во ниту една мерка не пишува дека администрацијата ќе биде отпуштена од работа и дека ќе им е намалена платата. Една мерка е за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор преку функционална анализа, односно да се види дали има доволен број вработени во институцијата или вишок, рече Тренчевска, додавајќи дека тие кои се вишок нема да бидат отпуштени, туку целта е да се направи оптимизација и преку мобилност да се преземат тие вработени.