Кога е прифатливо да објавите лична приказна на LinkedIn?

Постовите за лични неуспеси, животот на новопечен родител или нечиј пат кон поголема самодоверба некогаш биле резервирани за Фејсбук. Меѓутоа, во текот на последните неколку години, тие стигнале и до деловната социјална мрежа LinkedIn.

Во текот на пандемијата, границите помеѓу работата и приватниот живот за многу вработени биле избришани.

Овој факт заедно со промената на алгоритамот на LinkedIn и фаворизирањето на личните приказни, покажува дека платформата станала поотворена.

Резултат на тоа се објавите како „плачот на извршниот директор“.

Ранливоста на работното место самата по себе не е лоша, смета Клер Васерман, основач на Ladies Get Paid, образовна платформа која им помага на жените да напредуваат на професионален и финансиски план.

Меѓутоа, како што пишува CNBC, некои луѓе можеби одат предалеку.

„Мислам дека на нишалото му треба малку време да се центрира. Значи, сега сме малку екстремни. Да бидете во состојба да го интегрирате она што сте во својата професионална приказна е убаво, но истовремено е добро да користите различни платформи за тоа“, рекла таа.

Ако сакате да споделите повеќе лични приказни на LinkedIn, можеби треба да размислите каде сте во својата кариера и што точно се обидувате да постигнете.

Во продолжение следуваат две прашања кои треба да си ги поставите пред да објавите лична приказна според Васерман.

  1. Кое е моето ниво на моќ?

Многумина од оние кои споделуваат хипер – лични приказни се на повисоки позиции на професионалната скала или се самовработени.

„Секогаш е одлично да се хуманизираме, но кое е лицето кое споделува? Ако сте помлада личност која се обидува да добие работа, тоа е поинаков тип од расплачен генерален директор“, вели Васерман.

Размислите за тоа што потенцијалниот шеф или менаџер за вработување би помислил кога би ја видел вашата слабост во постот на LinkedIn.

Ако не е тоа пораката што сакате да им ја испратите на идните работодавачи, вашите објави нека бидат професионални.

  1. Која е мојата цел?

„Понекогаш кога ќе видам дека луѓето споделуваат работи за смрт во своето семејство, помислувам: Која е поентата? Но ако личната приказна им помага на луѓето професионално, тогаш е во ред“, вели таа.

Доколку се соочувате со загуба на вашиот родител кој ве научил важни професионални лекции кои довеле до ваш успех, вклучете го тоа во вашиот пост.

„Секој вид на содржина која ја споделувате треба да им помогне на други лица на професионален план“, смета Клер Васерман.

Покажувањето на ранливост на LinkedIn може дури да ѝ помогне и на вашата кариера, но доколку сте паметни за тоа што објавувате.

Фото: Freepik