Колективното преговарање- мит или реалност, љубов или панаѓур?

МАКЕДОНСКА МЕРА-MACEDONIKUM ADMODUM
Тема: Колективното преговарање- мит или реалност, љубов или панаѓур?
Според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот, колективното преговарање всушност е постапка со која се уредуваат пред се платите и условите за работа на работниците врз основа на договорот меѓу претставниците на работодавачите и претставниците на работниците. Според тоа, колективното преговарање може да се дефинира како дијалог за условите на работа кој се води меѓу еден работодавач, група, или една или повеќе организации на работодавачи, од една страна, и една или повеќе репрезентативни организации на работници од друга страна, во намера да се склучи договор. Колективниот договор може да ги уредува и доуредува условите за работа, односно преку неговите одредби да се унапредуваат правата на работниците.
Наспроти ова, во Македонија се случуваат преседани од светски размер на откажување на колективни договори од страна на работодавач, што е недозволиво!
Без оглед на тоа што во конкретниот колективен договор постојат одредби со кои се дава можност за негово еднострано раскинување, сепак треба работодавачот, а особено кога тоа е државата да ги ПОЧИТУВА колективните договори, да го поддржува системот на колективно договарање и да спречи секакво повредување, односно намалување на правата на работниците.Кај нас се случува спротивното. Владата го руши системот на колективно преговарање како најоргинален, најефикасен, демократски и децентрализиран начин на уредување на правата од работен однос. Ова е добра лекција за синдикатите, а одраз на незрелост кај работодавачот!
Нашите децениски аспирации кон ЕУ и добрите меѓународни практики треба да бидат поддржани со соодветно однесување од страна на сите чинители, и да биде МАКЕДОНСКА МЕРА законското постапување и подобрувањето на условите за работа и достоинствена плата за работниците!
Проф. д-р Лазар Јовевски