Светот на работникот

Компаниите плаќаат повеќе на вработените кои ги поседуваат овие шест вештини

Пазарот на труд моментално е исклучително конкурентен, а растот на платите е забавен – освен ако не поседувате специфични вештини за кои работодавачите се подготвени да платат многу повеќе.

Според водичот за плати на Robert Half за 2026 година, изработен врз основа на податоци од речиси 2.000 работници и 2.200 менаџери за вработување во САД, дури 84% од работодавачите планираат да понудат повисоки плати на кандидати со специјализирани знаења.

Најбарани и најплатени вештини:

  • Вештачка интелигенција и машинско учење: +4,1%
  • Јавно сметководство, даноци, ревизија и осигурување: +3,7%
  • Стратегија за содржина, дигитални проекти и маркетинг аналитика: +3,3%
  • Корисничка поддршка и администрација во здравството: +3,0%
  • Правно управување со договори: +2,7%
  • Компензации и бенефиции: +2,4%

Според Мишел Рајсдорф, директорка во компанијата Robert Half, особено се ценети експертите за вештачка интелигенција.
Компаниите сакаат да ја искористат вештачката интелигенција за трансформација на работните места. Бидејќи станува збор за нова и брзо растечка технологија, кандидатите со овие знаења буквално се ‘преземаат’ веднаш по дипломирањето или совладувањето на вештините,“ вели Рајсдорф.

Таа им препорачува на работниците да проверат дали во рамките на своите компании можат да се обучуваат за нови AI-вештини, како и да ги искористат можностите што ги нудат локалните библиотеки, универзитетите и технолошките bootcamp програми, за да останат во чекор со најновите трендови, пренесува CNBC Make It.


Компаниите нудат повеќе од само плата

Иако пазарот е тежок, 74% од работодавачите признаваат дека се загрижени дека нема да можат да ги исполнат очекувањата на кандидатите, особено на оние со ретки и барани вештини.
Затоа, фирмите сè повеќе нудат дополнителни бенефиции, а половина од менаџерите веруваат дека токму тоа ќе биде клучна стратегија за привлекување таленти во 2026 година.

Ако ги имате вистинските вештини – можностите се пред вас. Сè уште имате моќ за преговори кога станува збор за вкупната компензација,“ истакнува Рајсдорф.

Најмногу се ценат финансиските стимуланси (бонуси, отплата на студентски кредити) и балансот меѓу работата и приватниот живот (работа од дома, флексибилно работно време).
Сепак, некои би се откажале од работата на далечина за повисока плата – 66% од испитаниците би прифатиле работа во канцеларија со полно работно време, но 60% од нив би барале најмалку 10% повисока плата за тоа.


Вработените мислат дека знаат да преговараат

Дури 88% од кандидатите веруваат дека се доволно самоуверени при преговарање за нова работа, но многумина не знаат што сè можат да бараат.

Рајсдорф објаснува дека елементите за кои може да се преговара вклучуваат:

  • платено отсуство,
  • акции на компанијата,
  • па дури и бонус за добредојде.

Пред преговорите, таа советува да се истражи колкава е просечната плата за вашата позиција, искуство, локација и индустрија – како и кои бенефиции ги нудат конкурентите.

За сè може да се преговара– сè додека имате информации и ги презентирате професионално,“ вели Рајсдорф.

Затоа препорачува вежбање на разговорите однапред:
Пробајте го пред огледало или со пријател. По петтиот пат, ќе се чувствувате како да водите сосема природен и опуштен разговор,“ заклучува таа.

Извор: BIZLife