Користењето на приватните телефони на работа може да го намали стресот
Користењето на паметните телефони на работно место за следење на личните работи може да го намали стресот и да доведе до подобра рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, покажало истражувањето на универзитетите во Мелбурн и Галвеј.
Студијата се фокусирала на европска фармацевтска компанија, која била во процес на менување на својата политика за ограничување на употребата на паметните телефони на работно место, со намера да се дозволи користење на уредите за случаи кои не се поврзани со работата.
За да се утврди влијанието на употребата на телефоните на работно место, студијата една година следела 39 вработени на кои им било дозволено да ги користат своите телефони за цели неповрзани со работата. Пред експериментот, само на членовите на раководството им било дозволено да ги носат своите лични телефони на работа.
Утврдено е дека, во специфични ситуации, „користењето на телефонот може да ја намали вознемиреноста“ и речено е оти дозволувањето на телефони на работно место, за вработените да можат да се бават со семејни работи, може да го намали „конфликтот помеѓу работата и животот“.
Многу претходни студии сугерираат дека употребата на паметните телефони во цели неповрзани со работата може да ја попречуваат продуктивноста на работно место. Меѓутоа, нашата студија открива дека општата забрана за користење на паметните телефони, може да има негативни последици“, рекол Еоин Велан, водител на студијата и професор по деловна аналитика и општество на Универзитетот во Галвеј, за People Management.
Последици од забраната на користењето на телефони
Велан објаснил дека забранувањето на вработените да ги користат телефоните во текот на денот може да доведе до семејни тензии, што доведува до тоа сопружниците да „чувствуваат товар од управувањето со семејните проблеми кои се појавиле во текот на денот“.
Исто така, откривме дека умерената употреба на телефоните немала негативно влијание на продуктивноста. Наместо забрана за употреба на телефоните на работа, поефикасна стратегија би била воспоставување на организациска клима во која се познати очекувањата на компанијата во поглед на употребата на паметните телефони; на пример, не се користи на состаноците или во кантината, додал тој.
Во извештајот се наведува дека границите помеѓу работата и личниот живот се замаглени „во голем дел“ благодарение на паметните телефони, а додатно се влошени со политиката на работа од дома која е воведена по пандемијата. Сходно на тоа, во извештајот се наведува дека компаниите треба да прифатат дека „ѕидовите помеѓу работниот и неработниот живот непрестајно се рушат“.
Стимулирање на продуктивноста кај вработените
Ова е важно бидејќи конфликтот помеѓу работата и животот може да доведе од изостанување од работа, намален учинок и поголема флуктуација на вработените.
Стив Херберт, стручњак за човечки ресурси и бенефиции на вработените, за People Management, рекол: „Работодавачите кои сакаат да ја извлечат најдобрата и најголемата продуктивност од својата работна сила, исто така, треба предвид да го земат влијанието од своите политики и тоа секако е случај кога е во прашање користењето на приватните телефони во текот на работното време.
Во Британија, во 21-от век, мобилниот телефон станал витална врска помеѓу вработениот поединец и неговото семејство во текот на работниот ден.
Избегнување на стресот
Тој исто така рекол дека со лишувањето на вработениот од таа врска се ризикува „огорченост“ и „демотивација“ и може да има негативно влијание на вработувањето и задржувањето, како и да биде причина за намалувањето на учинокот и продуктивноста.
Недостатокот на контрола често е фактор кој придонесува кон зголемување на стресот на работно место и за многу вработени одвојувањето од телефоните би резултирало со помала контрола и додатна грижа и стрес. Стресот, секако, може да доведе до многу проблеми со благосостојбата, така што тоа е нешто што секој разумен и напреден работодавач би сакал да го избегне, објаснил Херберт.
Џема Дејл, предавач на Универзитетот Џон Мурес во Ливерпул, рекла дека треба да бидеме внимателни кога ја генерализираме ваквата работа.
Меѓутоа, како општо правило, и како што сведочи овој документ, давањето автономија и верувањето на луѓето обично е добра работа, како во поглед на работите како користењето на телефонот, така и за другите работи. Според моето искуство, целосната забрана, било да е се тоа интернет/социјални медиуми пред многу години или паметните телефони и други алатки денес, често доведува до непосакувани последици и фрустрација кај вработените, заклучува таа.
Извор: BIZLife.rs
Фото: Pexels