- Advertisement -
МакедонијаПравдаСветот на работникот

Корона кризата застаре дел од одредбите од Законот за работни односи, потребни се нови

Корона кризата ги застаре одредбите - Работник
383views

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска после средбата со синдикатите, на првиот ден од нејзиното министерување, истакна дека нејзин приоритет ќе биде да се донесе новиот Закон за работни односи. Сепак, се поставува прашање, како пандемијата од коронавирусот влијае врз носењето на овој закон и дали таа наметна да се додадат уште некои одредби, како на пример, работата од дома.

Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров за порталот Работник, вели дека на нов закон за работните односи се работело интензивно во текот на минатиот период и во процесот на консултации покрај синдикатите и работодавачите биле вклучени и Стопанските комори, науката, судии од Основиот суд во Скопје, Меѓунардоната организација на трудот и странските експерти. 

Advertisement

„Поради избивањето на пандемијата од коронавирусот и предвремените парламентарни избори тој процес застана. На првата седница на Економско – социјалниот совет – ЕСС со новата Министерка Шахпаска од сите учесници беше укажано дека е неопходно донесување на нов Закон за работни односи и тоа не само поради старите причини, туку и поради коронавирусот и сегментите којшто тој ги наметна. Така стана неопходно многу по детално да се регулира работата од дома која по појавата на вирусот стана многу застапена“, рече Димитров.

Посочи дека синдикатите и работодавачите активно ќе учествуваат во завршувањето на процесот на донесување на нов Закон за работни односи. Вели дека на крај новиот Закон треба да помине низ консултации во ЕСС каде седат репрезентативните синдикати и работодавачи. 

Advertisement
Advertisement

Потенцираше дека доколку процесот на носење на Законот за работни односи се одолговлечни, Организацијат на Работодавачи заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија ќе направи измени и дополнувања на Општиот Колективен договор за стопанство каде ќе се обидат да ги решат промените кои настанаат како резултат од корона кризата. Тој додаде дека за оваа опција веќе имаат разговорано со ССМ.

Околу тоа што треба да содржи новиот Закон за работни односи, порталот Работник побара став и од проф. д-р Лазар Јовевски, експерт по трудово право. 

Јовевски вели дека со оглед на сегашната ситуација, со корона кризата и другите економски предизвици, на површина излегле недостатоците и проблемите, односно одредената застареност на одредбите од актулениот Закон за работни односи, во однос на справување со потребите на работниците и работодавачите во овие здравствено – економски и севкупно општествени околности. 

„Затоа новиот Закон ќе мора подетално да го организира аспектот на синдикалното организирање, на формирањето синдикати и синдикалното делување, за да им се олесни на синдикатите и да им биде јасно што треба и како треба да делуваат, односно да имаат точни нормативни правила коишто ќе нема да предизвикуваат проблеми и дилеми во пракса“, вели Јовевски.

Тој истакна дека ќе биде потребно да се размуслува и во делот на флексибилизација на работните односи и зголемувањето на аспектите на заштита на работниците, преку воведување на вработување на неопределно време како основен принцип, а од друга страна да се излезе во пресрет и на работодавачите за одредена флексибилизација во однос на отпуштањата коишто би значеле побрзо влегување и излегување на пазарот на трудот на работниците.

Според Јовевски, ќе треба да се посвети и детално внимание на аспектите на работа од дома коишто се покажа со корона кризата дека не се доволно уредени со Законот за работни односи. Вели дека новите законски решенија треба да бидат на линија на потребите на работодавачите, од една страна и заштита на правата на работнциите кои ќе работат од дома, од друга страна.

Како што вели, треба дополнително да се разработат и аспектите на принудниот одмор, на штрајкот, како и на аспектите на престанок на работниот однос, по различни основи, особено за престанокот од деловни причини каде што актуелниот Закон во голема мерка создава одредени недоумици во применувањето на одредени членови коишто се контрадикаторни. Според него, ова во пракса досега создавало голем број на дилеми и се оставило на тоа да судската пракса ја определува примената на овие одредби, бидејќи тоа било неминовно поради нејасните законски одредби. 

Вели дека потребно е да се направи Закон којшто ќе треба визионерски да ги уреди работните односи, за наредните десетина години, имајќи ги во предвид економските потенцијали на Македонија, економскиот развој и тоа што ќе се случува краткорочно во делот на стопанството, за да правната норма, односно Законот за работни односи ги следи и да биде „партнер“ на стопанството. 

„Работните односи одат рака под рака со стопанството во земјата и не можат и не смеат да бидат на линија на разидување, судири и контрадикторност. Предизвикот за да се изготви еден квалитетен законски текст за комисијата е голем. Истиот треба да биде потврден низ времето, а не веднаш по неговото донесување да се размислува за негови измени и дополнувања, како што беше и сеуште е со актуелниот Закон за работни односи којшто веќе е прегазен од времето“, посочи Јовевски.

Јовевски истана дека во делот на колективното преговарање од новиот Закон, ќе мора подетално и попрецизно да се уредат овие прашања. Вели дека тој лично се залага за тоа колективните договори дека треба да се почитуваат.

Апелира во оние компании каде што има поголем број на вработени, колективните договори да бидат задолжение на субјектите, односно да се преговара за нивно склучување. За тоа дали ќе се склучи колективен договор, зависи од волјата на двете страни, вели Јовевски, посочувајќи дека преговарањето треба да е задолжително за да се дојде до колективен договор. Тој наведе дека не може да се наметне да се потпише колективен договор, бидејќи тоа би било спротивно на принципите на Меѓународодната организација на трудот. 

Потенцира дека започнувањето на колективно договарање не е спротивно на принципите на МОТ и дека тоа е добро за односите помеѓу работодавачите и синдикатите и со него тие ќе се зацврстат. 

Порталот Работник побара став и од Министерството за труд и социјална политика, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

 

Бобан Илијевски

Advertisement