Колумни

Корона кризата ќе предизвика поголем одлив на работна сила од Македонија

Корона кризата ќе предизвика - Работник
623views

Автор: Бобан Илијевски

Дали откако ќе се нормализираат економската и здравствената криза предивизвикана од пандемијата на вирусот Ковид – 19, младите Македонци уште во поголем број ќе ја напуштаат Македонија во потрага по подобар живот? Јас мислам да. Дали ќе биде тоа за три или пет години, сепак ќе се случи.  Корона кризата покажа колку некои од приватниците се грижат за своите работници (чест на исклучоци), нели? Воопшто. Прво нешто што сите направија е им дадоа спогодбени откази кои работниците под притисок ги потпишуваа. Експертите од областа на трудот во неколку наврати им укажаа на работниците да не потпишуваат вакви спогодби, но свесни сме дека тие се принудени тоа да го направат, бидејќи доколку не го направат, газдите ќе најдат начин како да ги принудат. Да не зборувам за оние коишто работат непријавени и без никакви бенефиции. Мислам дека нашиот здравствен систем ако беше ист како оној во Соединетите Американски држави, во оваа криза голем дел од работниците ќе останеа без здравствено осигурување и ќе требаа приватно да го плаќаат лекувањето.

За тоа колку работници досега се отпуштени нема конкретни податоци, но според повеќе извори, бројката е голема. Најмногу отпуштени работници има во најзагрозените сектори, како угостителството, туризмот и транспортот. Оние работници коишто користат годишен одмор земаат 50 % од платата, наместо пропишаните 70 % со Законот за работни односи. Има и такви примери каде што луѓе коишто биле во држава каде што имало жариште на корона вирусот, се вратиле назад и според одлуката на Владата, поминале 14 дена во карантин со издаден документ од Министерството за внатрешни работи за самоизолација, усмено им било соопштено дека се отпуштени. На некои од оние работници кои користат мерки од Владата, како ослободување од работа поради чување на дете до десет години или бремени жени кои сеуште не се стигнати до рокот кога треба да земат трудничко отуство, од страна на газдите им било наложено да потпишат некаков вид на изјави со кои доколку им се потребни работници, да може да ги викне назад на работа. Колку е ова само апсурдно, неетичко и најмногу од се нечовечки. Дури и на почетокот од пандемијата ме контактираше еден човек од Охрид кој заедно со неговите колеги биле „усмено“ отпуштени од работа.

Голем дел од овие случаи ми се иронични, најмногу поради тоа што истите овие газди ќе ги бараат назад истите овие работници кои преку притисоци ги терале да потпишуваат спогодбени откази. Нели е ова иронично? Но, во сето ова има трагедија, бидејќи некои од работниците повторно ќе се вратат назад, за да можат да извадат една плата и да ги туркаат месеците заедно со своите семејства.  Од друга страна пак тука морам да го споменам и Државниот инспекторат за труд кој колку – толку функционира и им издава решнија на некои газди да ги вратат назад работниците.

Синдикатот за угостителство и туризам при КСС во средата излезе со свои ставови. Побараа поголема помош за нивните дејности, како најпогодени од пандемијата на корона вирусот. Мислам дека на овие работници треба да им се даде најголемата можна финансиска помош, бидејќи најмногу тие останаа без работа. Воедно сакам да потсетам дека вработените во угостителството работат една не така благодарна професија, бидејќи имаат комуникација со секакви луѓе, дури и со оние кои не заслужуваат љубезност, а тие мораат да бидат љубезни. Знам, бидејќи сум ја работел оваа професија. Колку и да не можеш да бидеш љубезен со некој клиент кој не е љубезен со тебе, мораш. Тоа е една од карактеристиките на оваа професија.  Вработените во секторот туризам, пак ни овозможуваат да можеме да патуваме и ни кажуваат работи за некои места кои не ги знаеме, што значи дека и тие носат профит на газдите, а со тоа и на самата држава. Во нашиот случај, дополнително и ги рекламираат убавните на Македонија.

Сепак, покрај сите овие девијации кои се случуваат во ек на кризата, мислам дека откако ќе помине целава ситуација, луѓето, особено младите, во прва прилика ќе заминат од државава. Верувајте ми, не сакам за ова да пишувам, но ваква е реалноста во која живеме и сакале или не сакале мораме да ја прифатиме. Но, јас сум сеуште оптимист и сметам дека ќе достигнеме некое поголемо ниво и дека конечно газдите ќе се освестат и ќе почнат да ги третираат работниците како своите соработници, наместо како свои поданици. И за на крај, би сакал да објаснам два термина. Газди ги нарекувам оние коишто своите работници ги третираат како робови, додека работодавачи се оние коишто го ценат работничкиот труд кој го создава нивниот профит.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник