- Advertisement -
ИнтервјуаМакедонијаСветот на работникотСиндикат

Коцевски: Раководителите кои сакаат да го продолжат работниот век во МВР, да отстапат од раководните позиции

Коцевски до Спасовски - Работник
5.15Kviews

Какви се меѓусебните односи во МВР? Што може СПМ да направи за да изврши дополнителен притисок за распоредените полициски службеници да бидат вработени на своите работни места? Колку изнесува моменталната основна плата на полицајците и колку според синдикатот треба да изнесува? Ова се дел од прашањата на коишто Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија Орце Коцевски дава свои одговори за порталот Работник.

Во продолжение целосното интервју: 

Работник: Какви се меѓусебните односи во Министерството за внатрешни работи? Што треба да се направи за да тие се подобрат?

Коцевски: МВР е хиерархиски поставена институција и како дел од извршната власт, припадниците на ова министерство мора да се придржуваат кон многубројните закони, подзаконски акти, правилници и децидно да ги применуваат. Во основа тоа значи извршување на наредби од надредени во таа хиерархија. МВР се соочува со многу проблеми и недоследности, а за жал и незаконитости во поглед на тоа. Се издаваат нејасни, половични наредби кои често не се во согласност со прописите, се врши притисок врз работникот за нивно извршување иако постои можност од законски реперкусии за тоа а како резултат на неизвршувањето на таквите задачи против работникот се поведуваат неосновани дисциплински постапки, се распоредуваат незаконски надвор од место на живеење, но најголем проблем се заканите и малтретирањето на лична основа. Таквите појави во МВР допринесоа за ноторно нарушување на меѓусебните односи помеѓу вработените, појава како никогаш до сега. Колегијалноста, соработката, меѓусебното почитување се доведени до аламирачки ниско ниво, партиското влијание е веќе очигледно за жал а тоа уште повеќе придонесува кон поделбата и нарушувањето на тие односи.

За да се подобрат тие меѓусебни односи не треба многу напор и посебни залагања, бидејќи за тоа има повеќе правилници во рамките на МВР и се што е потребно е да се следат нивните одредби. Најбитно е на раководните позиции да дојдат професионалци а не партиски послушници. Единствено поголемо залагање би било тоа да ОВККИПС го нагласи својот интерес и да ја зголеми соработката со Синдикатите по однос на анализа на пријави од типот на малтретирање, закани, омаловажување,а посебно на пријави за Мобинг и непристрасно да презема соодветни мерки за тоа. Но тука морам да нагласам дека на внатрешната контрола и се потребни реформи, влегување на професионалци во истата институција, воведување на одговорност за секое нејзино незаконско работење на поединци за во иднина да прерасне во институција која би требало да спроведува интегритет кај вработените. Во овој момент сметам дека како институција нема капацитет да спроведува интегритет кај вработените. Дали сум во право ќе оставиме времето да покаже и докаже……  Доколку тоа се спроведе на дело, Полицаецот прв ќе ги прифати и спроведе таквите залагања за промени и подобрување на односите бидејќи е најпогодената и најранливата категорија во хиерархијата.

Работник: СПМ постојано бара полициските службеници коишто се распоредени да бидат вратени на своите работни места, но велите дека не наидувате на слух од страна на Министерот Спасовски. Кои се Вашите следни чекори во однос на ова барање? Постои ли некој начин преку кој синдикатот може да изврши дополнителен притисок врз Министерот за да го исполни ова ваше барање?

Коцевски: Распоредувањата во ваква институција би било нормална работа и постапка доколку тоа НАВИСТИНА би се вршело за вистински, реални потреби на службата и доколку тоа се спроведе врз основа на закон и колективен договор. Но, проблемот настанува и веќе е актуелен подолг временски период, со употреба на некакви ПРАКСИ од страна на раководствата и врвот на МВР каде не се почитуваат обврските со кои ги задолжува ЗРО, ЗВР и КД. Полициски службеници се распоредени надвор од своите места на живеење, распоредени со писмени наредби кои се продолжуваат со месеци и месеци дури и години, а за тоа не се почитуваат нивните права во однос на таквото распоредување, односно не им се исплаќаа патни трошоци, не им се доделуваа парични средства врз основа на КД, не им се дозволуваа слободни денови кои им следуваат, но најболно за така распоредениот полицаец-беше забораван со години на местото каде е распореден. Изложен на енормни трошоци за пат, храна, сместување во дадени случаи и секако бидејќи сме сведоци и на тоа облека и обувки на свој трошок, а за службени потреби.

Кога СПМ прв пат се обиде да го извести Министерот Спасовски за ваквите состојби, наидовме на невиден отпор и притисок од негова страна. Кога веќе јавно се огласивме како Синдикат дека нема да молчиме како досегашните и ќе преземеме се што е во наша можност тоа да се промени, ни се случи нешто досега нечуено – Министерот за внатрешни работи ја укина членарината на СПМ и им нареди на правната служба да ја прекине соработката со синдикатот. Нешто што не е ниту во надлежност на еден Министер било каде во Европа, не само кај нас.

Но и покрај тоа, СПМ продолжи со својата работа и со акти покажавме и докажавме дека се работи за незаконски распоредувања и дека на полицајците им следуваат тие права или привилегии со таквото распоредување. Но тука не смееме и нема да застанеме како Синдикат се додека тоа не стане НОВАТА пракса по однос на распоредување во МВР врз основа на закон и КД. Најодговорно тврдам дека СПМ нема да застане само на ова туку ќе продолжи и понатаму, користејќи ги сите законски средства и методи, да се остварат правата и привилегиите на полицаецот кои му се гарантирани со закони и договори и конечно, се надеваме во догледно време, да се врати достоинството и професионализмот на полицаецот. Сега веќе врз основа на наше барање им се исплаќаат патни трошоци на работниците распоредени надвор од местата на живеење. Исто така ги известувам сите кои се распоредени по овој основ до правната служба да поднесат барање за 7 дена платено отсуство како и да им се исплати еднократен надоместок во висина на нето плата. И на самиот крај МВР е должно согласно закон да ги врати после шест месеци сите работници распоредени надвор од местата на живеење.

Работник: Излеговте со фејсбук статус во кој меѓудругото му порачувате на Министерот барем за 1 % да ги зголеми платите на вработените. Колку изнесува една основна плата на полициски службеник и колку би требало да изнесува, според Вас?

Коцевски: Ако веднаш Ви го соопштам износот на основицата за плата на еден полицаец, ќе биде разбрано како провокација на некого, како виц за друг но во секој случај една „неверојатна“ сума. Најнапред мора да се каже дека платата во МВР се состои од основна и исклучителна компонента. Основната компонента на плата пак се состои од основна плата, 30% зголемување за опасност и зголемен обем на работа и додаток за кариера, кој патем речено не го добил нити еден вработен досега. Е сега, ако се земе предвид дека во просек основната плата на еден полицаец се движи од 21.000-25.000 денари и ако се одземат 30 -те % зголемување, доаѓаме до една сума од околу – ете највисоката од 17.500 денари. Но тука не застануваме. Зошто? Имено, пред да биде воведен бруто концептот на плата во МВР, на полицаецот му беа исплаќани линеарни патни трошоци од 900 денари и исхрана во износ од 2.400 денари. Со воведувањето на бруто платата, тие надоместоци влегоа во Основна компонента на плата. Ако сега ги одземеме тие средства од 17.500 денари,односно 3300 денари, доаѓаме до бројка од 14.200 денари?! Сума која е под минималната плата на Република Македонија. Сума која веќе не се ни споменува како надоместок во државата а не плата. За воља на вистината на полицајците им се исплаќа и исклучителна компонента, но во МВР имаме вработени кои ја немаат таа исклучителна компонента и кои имаат само 20% зголемување на плата?! Што со тие работници во МВР? Помислил некој во јавноста за нив? Или да не речам во МВР? Како тие вработени го поминуваат месецот со 20- тина илјади???

Целата јавност е сведок на настаните во кои се вклучени вработените во МВР од осамостојувањето па до сега. МВР имаше и се уште има клучна ударна улога во многу состојби и настани во државата. Актуелно по здравствените работници а во многу случаи заедно со нив на првата линија и директна изложеност на пандемијата од Ковид – 19. НО во секој случај заслужено, здравствените работници добија свое покачување на платата. Редно е да се спомене и образованието кои исто така добија покачување. А МВР, иако Министерство е со најголем буџет во државата, Министерот не побарува покачување за своите вработени. Конечно е време Министерот да преземе мерки за покачување на платите во Министерстворо од причини што револтот кај вработените од ден во ден се повеќе расте.

Работник: Во еден наврат споменавте и за барањето на синдикатот за пензионирањето на полициските службеници. Може ли да ни објасните кое е Вашето барање околу пензионирањето?

Коцевски: Врз основа на Законот за работните односи, Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР, работниот однос на вработен трае 30 активни години и 10 години кои се признаваат врз основа на бенефициран стаж. После тие изминати години работникот оди во редовна пензија. Постои исклучок во ЗРО и ЗВР каде на барање на работникот, доставено до месец Август во тековната година, работодавецот, во овој случај МВР  е ДОЛЖЕН да му го продолжи работниот стаж за уште една најмногу до три активни години. Значи без никаков услов, без никакво барање, без никаква обврска од обете страни. Тоа е краен нон-сенс во институција каде работниот стаж е бенефициран заради тежината на работата, ноќните смени, зголемениот обем на обврски итн. Додека во други институции таквото продолжување се темели на стручност, дефицитарен кадар односно потреба од точно определени афинитети, знаења и острученост, МВР нема никаков репер и услов за тоа што и како би работеле сите кои бараат продолжување и одлагање на пензискиот рок. Со самото тоа се нарушува системот на кариера на од нив помладите колеги бидејќи најголем процент од вработените во МВР кои бараат одлагање на пензискиот, односно продолжување на работниот стаж, се на високи раководни функции во МВР и организационите единици. Речиси и да нема полицаец работник кој побарал продолжување на работниот стаж, за таков досега немаме сознанија.

Она што СПМ го бара од МВР и надлежните не е укинување на можноста за продолжување на работниот стаж, туку поставување и вметнување на неколку измени и дополнувања во таа опција. Имено; прво МОРА сите кои бараат такво продолжување, да отстапат од местата во хиерархијата и да им се додели ИСКЛУЧИВО советодавна, контролна функција без можност за одлучување и издавање на наредби, односно еден вид на условено полициско овластување каде ќе има зголемување на основната компонента на плата за 20% и без можност за посебно овластување во однос на Закон за полиција. Второ, задолжителен здравствен преглед кој ќе покаже дека се психо-физички способни во можност да одговорат на задачите со оглед на тоа дека се работи за долгогодишна изложеност на секакви услови. Трето, мислење и решение по основ на барањето од работникот, од страна на стручен тим од МВР, во кое ќе биде преиспитана и потврдена стручноста и знаењата на работникот како и потребата на МВР или организационата единица од истите.

Но она што е најзначајно во ваквите барања е да им се овозможи на сите работници подеднаква можност за навремено градење на кариера и напредок во службата.

Работник: Како гледате на заштитата при работа на полициските службеници. Дали се тие доволно заштитени на своите работни места?

Коцевски: СПМ во изминатиот период од неколку месеци потврди и достави докази дека полицискиот службеник воопшто, а и останатиот кадар во МВР, не се заштитени во својата работа, односно дека во МВР заштитата и здравјето при работа на работниците се ставени како последна точка, дури во услови на пандемија може да се каже дека се загрозени. МВР за разлика од останатите институции мора да запази повеќе правилници и законски обврски во однос на заштита на вработените бидејќи во тој домен влегуваат единиците за специјални намени ЕБР и ЕСЗ, а тука се и припадниците на ПЕП кои се во голем обем потценети во однос на останатите две единици во однос на заштитна опрема и средства за лична заштита при работа. Многу често се случува припадниците на ПЕП да користат “тоа што ќе остане” од претходните или опрема со послаб квалитет иако во многу наврати извршуваат задачи рамо до рамо со припадниците на ЕБР. Кога зборуваме за останатите полицајци, можеби доволно ќе биде да се каже дека во санитарните чворови во скоро сите организациони единици нема нити тоалетна хартија, нити сапун од било каков вид, за дезинфекција често се доставуваат и средства за чистење и дезнфекција на стакло и други површини, ракавици и маски по протоколите за Ковид 19 се доставуваат се помалку и поретко, иако секаде се препорачуваат маските КН95 како најефикасни, до ОЕ се доставуваат маски со сомнително потекло од некаков очигледно рециклиран материјал… Листата е едноставно предолга. Но ние како Синдикат бараме БАРЕМ од некаде да се почне. Нека биде тоа со задолжување со нова и комплетна униформа, ниски и високи обувки кои ќе бидат соодветни за работата која ја вршат полицајците, а не некаква ХТЗ опрема и обувки кои не се ни приближно до потребите за безбедно извршување на задачите. И ако некој се прашува каква врска има униформата и обувките со заштита и здравје при работа? Јас би го запрашал дали со било што би излегол надвор на температури од -20 и +35 степени, дали би одлучил да стои на нозе во ХТЗ обувки по 10,12,14 часа и како тоа се би се одразило на неговото здравје? И сега, во услови на пандемија кога после секоја смена треба облеката да се дезинфицира односно испере за повторно да може безбедно да се користи, како тоа ќе го направат полицајците кога скоро сите имаат по еден пар панталони, една до две кошули, по еден зимски џемпер, едно или ниедно летно палтенце итн итн и како тоа се одразува на нив? За панцирите, шлемовите, плочите и останатата опрема постара 30 и повеќе години се срамам да зборумам…… Најбитно е дека Министерот веќе пет години набавува униформи и никако да ги набави за жал….

Се на се, ние како Синдикат тврдиме најодговорно дека Одредбите за заштита и здравје при работа не се почитуваат од страна на МВР. Никој досега во нити еден момент не се заинтересирал да ги праша работниците што и колку им треба, дали и како нешто би требало да се измени, замени, дополни. Само на тој начин би знаеле колкава штета е настаната и колку време и што би било потребно таа штета да се санира навремено. И пак ќе напоменеме, нема потреба од посебни мерки и активности, доволно ќе биде да се почитуваат постоечките закони и подзаконски акти во однос на заштита и здравје при работа, ништо повеќе. Но дали ќе има доволно слух за тоа, воља за тоа, ќе мора да чекаме и да видиме. И за сето тоа време, СПМ најодговорно и будно ќе ги следи тие состојби и најостро ќе осудува и делува се додека не се врати достоинството и професионализмот во МВР.

Бобан Илијевски