ПравдаСветот на работникот

Рубрика за трудово и социјално право: Отказни рокови

РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Отказни рокови
Во нашиот Законот за работни односи се предвидени одредби во однос на отказните рокови. Имено, работникот и работодавачот можат да го откажат договорот за вработување во законскиот или договорно определениот отказен рок. Но, при одлучувањето за отказниот рок, страните мораат задолжително да го почитуваат минималниот рок на траење на отказниот рок, одреден со Законот за работни односи, или колективниот договор на ниво на дејноста, односно на ниво на работодавач.
Доколку работникот го откажува договорот за вработување, отказниот рок е еден месец. Со договорот за вработување или со колективниот договор може овој отказен рок да биде договорен на подолго време, меѓутоа не подолго од три месеца.
ПРАВИЛНО е отказните рокови да се политуваат!
Но, ПОГРЕШНО е да се смета дека во случај кога работникот ќе даде отказ, а притоа не ги испочитува одредбите за отказниот рок, работодавачот е правно заштитен. Дури и кога во договорот за вработување има одредби кои гласат за надомест на штета во случај на непочитување на отказниот рок, судската практика не е на страна на работодавачите.
Во случај кога работодавачот е тој што го откажува договорот за вработување на поединечен работник или пак на помал број работници, отказниот рок предвиден со Законот е еден месец, но доколку работодавачот го откажува работниот однос на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број работници кај работодавачот пред престанокот на работниот однос, отказниот рок изнесува 2 месеци. Дополнително кога станува збор пак за договор за вработување на работник на сезонска работа, отказниот рок изнесува 7 работни дена.
проф. д-р Лазар Јовевски