- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС: Со законското решение на МТСП преку лични интереси ќе се одредува кој да работи во Недела, а кој не

КСС - Работник
599views

Конфедерацијата на слободни синдикати преку соопштение реагира дека со законското решние за неработна Недела кое го изготвува Министерството за труд и социјална политика ќе се направи вистински хаос, каде преку подзаконски акти ќе се утврдува кој ќе работи во Недела, а кој не.

Во продолжение соопштението ви го пренесуваме интегрално:

Како што целиот економско социјален совет веќе е запознаен со ставот на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија по однос на „Неделата како неработен ден“ сакаме да потенцираме и воедно да предупредиме за опасноста која следува доколку не се преземат конкретни мерки кои подолго време ги истакнуваме, а за што огромен број работници и работодавачи се веќе запознаени и истите се прифатливи за нив.

Пред се, свесни сме за потребите од рамнотежа и баланс помеѓу професионалниот и приватниот или социјалниот живот на работникот. Докажано е дека работникот е поефективен доколку е задоволен во семејното опркужување, доколку гради односи со пријатели, негува традиција, врши дополнителни хоби активности итн. Токму поради сето тоа се залагаме за ПРАВИЛНО уредување на неделата како неработен ден за што е потребно безболно решение за да бидат задоволни и работниците и работодавачите особено оние кои работат во недела.

Наместо тоа, веќе имаме сознанија дека навистина сме во право кога велиме дека популизмот зазема сила кога е потребно да се донесе мудра одлука!

Предупредуваме дека со предлог Законот од страна на Министерство за труд и социјална политика ќе се направи ВИСТИНСКИ ХАОС каде со подзаконски акти ќе се утврдува кој ќе работи а кој не! Со лицитација на сектори ќе се прават одлуки кој да работи, со одредени лични интереси. Притоа, никаде не е наведено на каков начин ќе биде исплатен работникот доколку работи во недела.  Зарем е ова мудро решение,  зарем ова ќе донесе разбирање и прифаќање или уште поголем револт и незадовлство кај работникот?

На овој начин ПОВТОРНО ЌЕ СЕ УНАЗАДАТ ПРАВАТА НА РАБОТНИКОТ и ние нема да го дозволиме истото!

ЗАТОА ПОВИКУВАМЕ НА РАЗУМ И РАЗУМНИ ОДЛУКИ, а воедно ги повикуваме и пратениците кои ќе ги разгледуваат предлозите за „Неделата како неработен ден“ да го земат во предвид следното:

Законското решение само треба да се дополни и тоа:

– Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%.

– Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота.

Со ваква измена сметаме дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот од причини што:

– во Законот за работни односи, член 117 став 5 вели дека: ,,Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно”.

– Со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, се заштитува работникот од една страна, да неможе да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.

Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се отпуштаат работници од своите работни места. Од тие причини ние препорачуваме дека во моментот нашиот предлог е најприфатливо решение за сите засегнати страни и очекуваме постапување и негово спроведување во целост – стои во соопштението на КСС.