- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

„Лидл“ – Германската инвестиција нов стимул за домашната економија

Лидл - Работник
191views

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, одржаа состанок во Владата со менаџментот на реномираната германска компанија „Лидл“.

На состанокот се дискутираше за новата инвестицијата на трговскиот ланец „Лидл“ во нашата земја, за што компанијата веќе е регистрирана во Северна Македонија.

Advertisement

Премиерот Заев истакна дека новите инвестиции се од голема важност за земјава, во насока на зголемување на понудата, нови вработувања, како и подобрување на севкупната економија. Тој ги поздрави позитивните практики препознатливи за „Лидл“ во поглед на пазарот на труд, обучување на своите вработени, како и практикување на модерен начин за водење трговија. Воедно премиерот Заев ја потенцира важноста од натамошно унапредување на работата со Сојузна Република Германија, која е наш прв трговски партнер и истакна дека над 200 германски инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 лица во нашата земја.

Менаџментот на компанијата „Лидл“, претставуван од Волф Тиедеман, член на Управниот одбор, Милена Драгијска извршен директор на „Лидл“ – Бугарија и „Лидл“-Северна Македонија, Бисер Инчовски – директор на централните служби како и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија ги презентираа плановите за новата инвестиција во земјава.

Advertisement

Од менаџментот истакнаа дека компанијата планира својата прва инвестиција во Северна Македонија да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Опремата која ќе се користи во центарот за логистика е според најсовремените стандарди во Европа.

На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.

Плановите на „Лидл“ за инвестициите во Северна Македонија се да оствари долгорочна, одржлива, одговорна соработка, како со своите клиенти, деловни партнери, така и со своите вработени, но истовремено да делува како општествено одговорна компанија со одговорност кон животната средина. Менаџментот на компанијата Лидл истакна дека се надева на конструктивна соработка со македонските институции и во иднина.

Advertisement