ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Лицата над 55 години се‘ уште бележат најголема невработеност во државата

Бобан Илијевски

Според Агенцијата за вработување, бројот на невработени лица во октомври 2021 година е намален за 1,386 лица во однос на септември кога имало 135,605 невработени и изнесува 134,219 невработени. Од започнувањето на пандемијата пак, во март месец 2020 година до сега, без работа се останати 16,079 лица. 

Извор: Агенција за вработување

Гледано според возраста, заклучно со 31.10.2021 година, најмногу невработени се на возраст од 55 до 59 години – 19,507, по нив се најстарите во статистиката на АВРМ, односно тие од 60 години и повеќе – 16,879 лица. Потоа следуваат лицата од 50 до 54 години, од кои заклучно со 31 октомври 2021 година, 15,817 се невработени.

Податоците укажуваат на тоа дека повзрасните лица бележат најголема невработеност, додека кај помладите таа е помала. На пр. бројот на невработени лица од 25 до 29 години изнесува 13,072 лица, додека кај ние кои се на возраст од 30 до 34 години, бројот изнесува 13,508. Најмала стапка на невработеност имаат лицата од 15 до 19 години и изнесува 2,579. Овој податок не е изненадувачки, со оглед на тоа што лицата на оваа возраст најчесто одат во училиште. 

Извор: Агенција за вработување

На ниво на општини и Градот Скопје, најмногу невработени заклучно 31 октомври, имало во градот Скопје – 28,245 невработени лица. По него следува општина Тетово со 16,464, па општина Куманово со 14,195 невработени лица. Најмалку невработени има во Општина Валандово – 811, но тоа е очекувано, со оглед на тоа дека наведената општина е една од најмалите во Македонија. 

Според степенот на образование, најголем број од невработените се без образование и со основно образование – 76,170, потоа следуваат оние коишто имаат завршено средно образование – 33,618. Интересно е тоа што, бројот на невработени со непотполно средно образование изнесува 13,000 невработени лица, и е речиси три пати помал од лицата со завршено средно образование. Потоа следуваат лицата со завршено високо образование, каде бројката на невработени изнесува 9,528 лица. 718 од невработените се магистри на науки, а 23 доктори на науки. 

Извор: Агенција за вработување

Според експертите за кариера и пазарот на трудот, се повеќе постари лица бараат промена на нивните работни места, додека помладите повеќе сакаат да отвораат свои бизниси. 

Експертот по трудово право, Проф. Д-р Лазар Јовевски, во еден наврат за порталот Работник, рече дека зголемувањето на невработеноста кај лицата над 55 години се должи на тоа што тие имаат потешкотии со влегување во дигитални и флексибилни форми на работа, за разлика од нивните помлади колеги. 

Решението за намалување на невработеноста кај лицата на оваа возраст, Јовевски го гледа во креирањето на нови активни мерки кои би го поддржале вработувањето на лица над 55 години старот, како и работење на зголемување на конкурентноста преку бесплатни реално применливи програми на професионално и стручно надоградување во рамките на концептот „Доживотно учење“. 

Од МТСП тогаш истакнаа дека Владата на Р. Македонија секоја година усвојува Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот во кој се содржани повеќе видови на програми/мерки за вработување наменети за различни целни групи на евидентирани невработени лица (млади невработени лица, долгорочно невработени лица, стечајни работници, постари лица, инвалидни лица и сл.). Со програмите/мерките се овозможува директно вработување (самовработување, субвенционирање и др.), односно зголемување на вработливоста (преку обуки, преквалификации и др.) на невработените лица. За да лицето од наведената целна група 50+ години се вклучи во некоја од мерките за вработување треба да е евидентирано во центарот за вработување на местото на живеење како активен барател на работа. За секоја од мерките за вработување се објавува јавен оглас и потребно е заинтересираното лице редовно да се информира или во центарот за вработување или преку веб страната на Агенција за вработување на Република С. Македонија: www.avrm.gov.mk. 

За потсетување, минатата година излезе еден извештај на веб платформата Балкон3 којшто дава своја анализа за состојбите со работничките права и пазарот на трудот. 

Извештајот на веб платформата Балкон3 којшто е финансиран од страна на Европската унија и се нарекува „Приоритетни проблеми со почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија“ за Агенцијата за вработување на Македонија го вели следното:

„Агенцијата за вработување на РСМ, од друга страна, наместо посредник помеѓу побарувачката и понудата на работна сила, често претставува само агенција за водење на статистика на невработени лица (во јавноста се има впечаток дека освен евиденција, со исклучок на активните мерки за вработување, АВРСМ не придонесува значајно во намалување на невработеноста која е горлив проблем во општеството).“