КолумниНовости

Луѓето не заминуваат на сезонска работа од убавина, туку од очај

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

Очигледно е дека Вицепремиерот за економски прашања не ја разбира ситуација со која се соочуваат вработените во Македонија, било во приватниот или јавниот сектор.

За потсетување, тој рече дека оние административци кои заминале на сезонска работа, кога ќе се вртат треба да се вработат во приватниот сектор.

Неговата изјава ни малку не е на место, а еве зошто:

  • Не е во ред функционер чија плата изнесува над 100,000 денари, а најголемиот број од вработените во јавниот сектор земаат многу помали плати од оваа сума, да кажува каде треба да се вработат. Луѓето се заминати на сезонска работа за да спечалат некој денар повеќе, за да можат на семејствата да им ги пружат основните потреби.
  • Пазарот на труд е либерализиран, а со тоа работниците сами можат да изберат каде ќе работат (доколку има празни работни места во професијата која сакаат да ја работат), па оттаму оваа изјава е еден вид вршење притисок.

Луѓето со платите какви што се, едвај успеваат да преживеат, па поради неможноста да заминат засекогаш (или барем до пензија) од земјава, тие се решаваат да земат неплатен одмор и да одат во земји како Хрватска. Таму работат како помошници келнери и готвачи и други професии и земаат до 1,000 евра плата. Оваа сума во Македонија нема да можат да ја заработат само со една работа, бидејќи не се функционери, а и не можат сите да работат во ИТ сектор или воздухопловство.

Токму поради ниските плати, синдикатите веќе подолго време преговараат со Владата, на која некако не ѝ дава срцето да ги зголеми платите сега, па кажува датуми и години и дека тогаш ќе биде вака или така.

Државата треба секогаш да има пари за своите вработени (јавниот сектор) и да помага на компаниите во приватниот сектор заради зголемување на платите на нивните вработени.

Наместо да се кажува на кој работник во кој сектор му е местото, треба да сериозно да се сфатат барањата на работниците и да им се излезе во пресрет.

П.С. Партиските послушници не се меѓу заминатите на сезонска работа оти тие не се навиканти на вистинска работа, заминати се оние работници кои навистина работат.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера