Колумни

Македонскиот менталитет, профитерството на газдите и Ковид – 19

Македонскиот менталитет - Работник
512views

Автор: Бобан Илијевски

Бројот на заразени од Ковид – 19 од ден на ден се повеќе се зголемува, а се појавуваат и нови кластери на заразени работници, како тој во Вевчани каде пет работнички се заразени. Според медиумите, тие се заразиле од нивната колешка којашто била заразена со коронавирусот, но тоа го криела. Ова е уште еден показател дека нешто му недостасува на нашиот македонски (балкански) менталитет. Јас во сите мои колумни досега постојано ги бранев работниците и пишував за нивните проблеми, но овојпат морам да настапам критички кон оваа работничка. Не знам зошто криела дека е заразена, можеби имало некоја позадинска причина, но за ваквиот себичен потег нема никакво оправдување. Гледате колку едно лице коешто е заразено со Ковид -19 колкава белја може да направи. Целата фабрика може да се зарази, а потоа работниците вирусот може да го однесат дома и не знаејќи дека имале контакт со заразено лице може да го пренесат на своите најблиски, меѓу кои може да има луѓе коишто се хронично болни или пак стари луѓе, чиј имунитет нема да може да се справи со вирусот.

Затоа треба да се изброи до десет и да се размисли за последиците коишто може да настанат. Од криење нема потреба. Подобро кажи дека си заразен/а за да ги спасиш твоите колеги, за да не се заразат со вирусот. Но, реално не е работничката виновна, туку виновен е нашиот систем на вредности и начинот на кој е поставен.

Добро ни е познато дека Македонецот само кога ќе биде многу болен оди на доктор, а не кога ќе почувстува дека не му е добро (чест за исклучоците). Овој начин на размисување и менталитет мора да се сменат,за да можеме и ние како нација и како граѓани да се унапредиме. Сегашниот менталитет не е европски, туку чисто балкански, а знаеме дека на Балканот речиси сите народи имаат сличен менталитет, а со тоа и начин на размислување. Исклучок се само Словенците, кои размислуваат на вистински европски начин, а тоа значи дека кога ќе почувствуваш дека не ти е добро, треба веднаш да се јавиш или да одиш кај твојот доктор за да може да ти помогне.

Тука би сакал да се осврнам и на случајот со кластерот на заразени текстилни работници во Штип. Јасно ни е дека тоа е најмногу поради што се превезуваат 70 луѓе, во автобус што собира 50 луѓе. Исто така би морал и да се согласам со изјавата на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ дека вината лежи во газдите (чест за исклучоците), поради тоа што на сметка на здравјето на работниците сакаат да скратат од трошоците. Епа нече моќи. Пред некој ден полицијата во Штип извршила контрола на 35 автобуси кои превезувале работници, по што се увидело дека се почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19. Ова е добар потег на МВР и локалната власт. Само со контроли може да се подобрат работите, но и со санкции онаму каде што е потребно. Да нема „кинење на казни преку врски“, туку секој оној кој заслужил треба да добие казна.

Што се однесува до газдите, да зборуваме реално, на корпоративната алчност и нема крај. Ова го има кажано многу пати досега, но ќе го кажам повторно – на нив им е важен само профитот, а за здравјето и безбедноста на работници баш ги брига. Си го знам јас тоа од мое искуство, не го тропам ова на празно. Поради тоа работниците треба да ги пријавуваат прекршувањата на работничките права до Државниот инспекторат за труд, нивните синдикати или здруженија. Само преку санкции може да запре омаложувањето и кршењето на работничките права. Но, за да може да се случи тоа, треба да се слушне гласот на работникот, да излезат на виделина неговите проблеми и да се најдат соодветни решенија за истите. Со молк не се добива ништо, само со искажување на своите проблеми. Работничката класа е двигателот на економијата во едно општество и треба да се третира како таква.

За крај, пандемијата го покажа вистинското лице на многумина од оние кои профитираат на сметка на здравјето и благосостојбата на работниците и мислам дека конено ќе им се отворат очите на институциите, за да почанат и да преземаат соодветни мерки за да им помогнат на работниците.

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник