Македонците станаа астронаути, Македонија е уште во 20 век

Автор: Бобан Илијевски 

Навистина ме израдува веста за нашата Македонка која е вклучена во програма на НАСА за аналогни астронаути. Нема да навлегувам подлабоко во ова, бидејќи моите знаења околу астрономијата се ограничени. Сепак, нејзиниот успех е навистина голем и ми го исполнува срцето. Секогаш се радувам кога ќе видам дека некој од Македонија остварил успех. 

Се радувам и за Македон, малиот генијалец кој на Македонија ѝ донесе два златни медали од светски натпревари по математика во конкуренција од 4,000 учесници. Има уште многу талентирани деца и млади и ме радува тоа. 

Е сега, не ме радува тоа што државата не води речиси никаква грижа за овие млади таленти. Поради тоа, тие и заминуваат од земјата. 

Како што имам речено во повеќе наврати – треба да се овозможат услови талентираните луѓе да ги остваруваат своите таленти и за тоа да бидат соодветно наградени. 

Знам дека ќе речете дека не можеме да се споредуваме со Западниот свет, но еве колку за пример. Таму талентираните луѓе ги држат највисоките позиции, без разлика дали во јавниот или приватниот сектор. Приматот секогаш им се дава нив, бидејќи тие имаат потенцијал да остварат најголеми резултати. 

Кај нас дури не им се дава можност на луѓето ниту да го развијат својот талент. Политичките партии премногу се зафатени со местење на свои кадри. Немаат време да мислат на младите таленти и на останатите кои можеби имаат одреден талент, но немаат можности да го развијат. 

Инаку, во Македонија има еден куп способни и компетентни млади луѓе. Оттука, би сакал да им порачам на партиските ботови многу-многу да не релативизираат. 

Јасно ми е дека треба да го решаваме проблемот со Бугарија и ред други работи, но не треба да ги заборавиме нашите талентирани млади луѓе. 

Јас како млад човек имам морална обврска да пишувам повеќе на овие теми. Ова не го правам бидејќи некој ми рекол или наложил, туку поради тоа што гледам дека премногу малку се зборува за иднината на оваа држава – децата и младите. 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.