Мајки остануваат без работа поради малкуте места во градинките
Градинките ги отворија вратите за прием на поголем број на дечиња, но и натаму нема место за сите. Групите до двегодишна возраст се прошируваат на 15 деца, а од 2 до 6 години на 20, согласно последните одлуки на Влада. Сепак од скопските градинки за Сител велат дека на терен минимум 40 бебиња се борат за едно место во установите. Од минситерството за труд пак уверуваат дека со проширување на групите бројката на згрижени деца значително ќе се зголеми.
На ваквата одлука и претходеше препорака од Комисијата за заштита од заразни болести како стручно тело за справување со пандемијата од Ковид 19, земајќи ја предвид добрата епидемиолошка состојба во државата, процесот на вакцинација на воспитувачите и негователите во детските градинки и стабилната состојба со новозаразени во нив. Согласно протоколот кој што е усвоен од страна на Владата во рамки на детските градинки можат да се згрижат вкупно 23.726 деца. Согласно последната состојба на ден 20.05.2021 година дневното присуство на згрижени деца изнесува 17 066 деца.
Но покрај проширените групи во градинките, голем е бројот на мајки кои и натаму остануваат без работа затоа што нема кој да им ги чува децата. Мајка од Скопје раскажува дека породилното и завршува за еден месец и ќе мора да се врати на работа. Ако не и го примат малото во градинка принудена е да даде отказ.
Од друга страна во повеќе општини има деца кои се запишани но не одат во градинка. Главна причина е стравот од корона вирусот. Од МТСП велат дека тоа се решава локално и министерството нема ингеренции да контролира дали градинките ги испишуваат овие деца. Потенцираат дека и натаму приоритет за упис имаат децата на самохрани родители и оние чии родители работат.
Извор: Сител

