Колумни

Долгото работното време ги убива луѓето – вели СЗО. Ние бараме поголем профит – велат газдите

Пишува: Бобан Илијевски

Неодамна се појави една студија на Светската здравствена организација која ја има работено заедно со Меѓународната организација на трудот за тоа какви последици има долгото работно време врз луѓето.

Студијата вели дека во 2016 година 745,000 луѓе починале од мозочен удар и срцеви заболувања поради долгото работно време. Мхм, па нели некои од најпознатите менаџери постојано велат дека потребно е да се работи долго време, за да се успее во бизнисот или во работата, но студијата на СЗО и МОТ ги побива нивните тези и сметам дека истата треба да ни ги отвори многу очите.

Иако според студијата, најпогодени се работниците во Југоисточна Азија и Западен Пацифик, каде што работниците имаат најдолго работно време, сепак и кај нас, и покрај тоа што е предвидено според Законот за работни односи да се работи по 40 часа неделно, во некоја компанија се работи подолго од тоа. Самото истражување вели дека работата од 55 часа неделно или повеќе е поврзана со 35 % поголем ризик од мозочен удар и 17 % поголем ризик од смрт од срцеви заболувања, во споредба со работната недела од 35 до 40 часа.

Како и што напоменав, во Македонија има компании каде што вработените работат многу повеќе од 40 работни часа. Ова најмногу се должи на фактот што има газди коишто намерно ќе те остават повеќе на работа, а ако одбиеш ти се закануваат или со намалување на плата, која во најголем број случаи е минимална или пак со отказ, кој не можеш да го добиеш бидејќи имаш дома деца на коишто треба да им купиш храна и облека, па си ставен во позиција да останеш уште неколку часа. Тука мораме да го земеме во предвид фактот дека кај нас се работи по шест дена во неделата. Ете ви 48 часа работа.

Извештајот открива дека трендот на смртни случаи поради долгото работно време може да се зголеми поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, поради тоа што многумина работници се пренасочија на работа од далечина, а во многу случаи тогаш ја губат границата помеѓу работниот и приватниот живот, дали поради тоа што работодавачите им даваат премногу задачи кои треба да ги сработат за еден ден или поради тоа што самите си вршат притисок да работат повеќе, не знаејќи дека тоа може многу лошо да се одрази врз нивното здравје.

Истражувањето покажува дека речиси три четвртини од оние кои починале од долго работно време биле средовечни или постари мажи, како и дека смртта се случувала многу подоцна во животот, понекогаш дури по децении долга работа.

Од СЗО препорачуваат дека должината на работното време, треба да се земе во предвид кога се прави процена на ризик на работните места. Кај нас процената за ризик е за малкумина позната, особено за време на пандемија кога огромен број на работници се заразија поради непочитувањето на протоколите на Министерството за здравство, односно Комисијата за заразни болести од страна на некои газди.

Заклучокот е дека иако кај нас во законите пишува дека работното време е 40 часа, тоа некаде е многу подолго од тоа.

Препораката на СЗО е да не се зголемува работното време во период на економска криза. Со оглед на тоа дека кај нас газдите немаат навика да слушаат совети од релевантни организации како што е сметам дека воопшто нема да ја послушаат оваа препорака. На крајот на краевите, работниците ги гледаат само како средства за остварување на профит.