Мајстор се станува преку вложување на труд и посветеност, а не преку учење на дефиниции, вели Трајкоска
Работодавачите почнуваат повеќе да ги вреднуваат компетенциите на кандидатите за работа, отколку образованието коешто го поседуваат. Ова за порталот Работник го вели Владанка Трајкоска, управител на компанијата „Раде Кончар“.
Според неа, македонскиот образовен систем одамна не нуди кадри кои одговараат на она што го бараат работодавачите. Нејзината оценка е дека македонското образование произведува работна сила без да соработува со бизнис секторот, а со тоа да ги има во предвид неговите потреби.
Се почесто се сретнуваме со студенти кои само што излегле од факултетските клупи, а немаат никакви познавања од областа за која се образувале. Денешните млади луѓе немаат сознание како функционира еден производствен капацитет, бидејќи најпрво домашното образование не го овозможило тоа, а потоа и образовниот систем – истакна Трајкоска.
Напуштањето на практичната настава, вели таа, било многу лош потег за младите ученици и студенти, додавајќи дека сега се обидуваат да вратат нешто од тој систем, но тоа многу тешко оди.
За нејзината компанија вели дека многу повеќе ги вреднува кандидатите за работа кои имаат компетенции и поголемо работно искуство, отколку високиот просек.
Се покажа дека денес многу лесно на факултетите ‘се делат’ високи оценки на студентите. Истите немаат, ама баш никакво практично искуство. Загрижува и фактот што кај кандидатите за работа и младите луѓе кои се вработуваат, не постои желба за стекнување на нови знаења и вештини – вели Трајкоска.
Констатираше дека меланхолијата и незадоволството стануваат се почеста одлика на функционирањето на младите во Македонија.
Од таа причина, се почесто кога треба да избереме некој кандидат, се одлучуваме за компетенции (искуство), а се поретко за образование. Во последно време образованието не игра улога ниту во висината на примањата. Вештините, посветеноста, ангажираноста и напредокот на еден работник имаат клучна улога – вели таа.
Ги советува младите дека за да станат мајстори треба да вложат труд и да бидат посветени, а не да учат дефиниции. „Желбата за учење и надоградба треба да биде мотив за сите млади своето знаење да го преточат во пракса“, појасни Трајкоска.