МДС: МНР најитно да пристапи кон сервисирање на ратите за кредити на вработените
Македонскиот дипломатски синдикат при САДУ го повикува раководството на МНР најитно да пристапи кон сервисирање на ратите за кредити на вработените во Министерството, истакнуваат од МДС во соопштението.
„Со упорното одбивање да реализира административни забрани за членовите на Македонскиот дипломатски синдикат за земени кредити за лична потрошувачка, и покрај позитивното мислење на неговата правна служба, раководството на МНР работи директно против економската благосостојба и олеснување на социјалната положба на вработените. Укажуваме дека ваквиот игнорантски однос може да доведе до непотребни судски процеси и спорови со добавувачите на стоките и услугите за лична потрошувачка, со материјално финансиски последици“, велат од МДС.
Од МДС истакнуваат дека имајќи предвид дека ниту една државна институција не им го ускратува процесирањето на кредити за набавка на стоки и услоги за широка потрошувачка на своите вработени, апелираат да не се дозволи членовите на МДС да бидат дискриминирани, само поради тоа што се членови на синдикална организација.
Од синдикатот потсетуваат дека во повеќе наврати укажале на несоодветниот однос на раководството на МНР, кое одбива да ги вклучи претставниците на МДС во важни внатрешни процеси во министерството, вклучително и постапките за избор и упатување на дипломати и амбасадори на работа во Дипломатско конзуларните претставништва во странство и изготвување систематизации и други законски и подзаконски акти. Тие посочија дека ваквиот несоодветен и несолидарен однос и негрижата за сопствените вработени, за жал, продолжува.
„Македонскиот дипломатски синдикат секогаш ќе го крева својот глас за остварување на правата, зачувување на дигнитетот и олеснување на економско-социјалната положба на вработените“, велат од МДС.