Колумни

Мерки за работниците без консензус не се добри ниту во ек на корона криза

Мерки без консензус- Работник
279views

Автор: Бобан Илијевски

Меѓународната организација на трудот пред неколку дена ја објави нејзината анализа за ударот на корона кризата врз светот на работата, во која според нив има две можни сценарија. Првото, односно позитивното сценарио е дека би можело само 5,3 милиони работници да останат без работа, додека второто или негативно сценарио е останување без работа на околу 25 милиони работници ширум светот.  Од МОТ исто така сметаат дека се очекува и голем процент на деградирање на работниците, како и дека самовработените лица ќе ја почувстуваат кризата на големо, поради рестрикцијата за движење на луѓето којашто е воведена во некои држави и сигурно долку кризата се продлабочи во другите држави и тие ќе бидат принудени да воведат рестрикција на движењето на луѓето.  Кај нас во Македонија корона кризата веќе започна да го зема својот данок преку отпуштање на работници, во најголем дел од микро, малите и средните претпријатија кои најмногу се погодени од корона кризата. Иако во најголем дел таа предизвикува тежок здравствен проблем, сепак и економијата и работните места не се имуни на оваа криза, па затоа државата е должна да помогне на овие претпијатија за да можат да издржат и да не бидат принудени да ги отпуштаат своите работници.

Она што исто така го проценува МОТ е тоа дека помеѓу 8,8 милиони и 35 милиони луѓе ќе бидат во работна сиромаштија, што значи дека ќе земаат премали плати поради тоа што компаниите најверојатно повикувајќи се на кризата нема да им ги исплаќаат целосните плати. Во Македонија луѓето веќе се во работна сиромаштија, поради тоа што со платите коишто ги земаат не можат да го истуркаат месецот. Дури и авио – секторот кој е еден од најплатените сектори во нашата држава е погоден од оваа криза, а и со тоа вработените во истиот.

Во овој контекст чувствувам потреба дека треба да споменам две од мерките кои вчера беа презентирани од страна на СДСМ, а се однесува на тоа да вработените во јавниот сектор за месеците април и мај да земат минимална плата во износ од 14,500 денари. Се надевам дека оваа мерка нема да биде усвоена од страна на Владата, бидејќи овие пари се малку согледувајќи ги трошоците коишто сега ги имаат луѓето. Но, тука морам да напоменам дека мерката за одложување на кредитите на сите компании и луѓе за три месеци е сосема добар и одржалив предлог којшто би требало да се усвои. Исто така, сметам и дека на вработените во приватниот сектор со поддршка на Владата би требало да им се исплаќаат целосните плати. Да бидеме реални, оваа криза нема да трае засекогаш. Мислам дека за кратко време ќе заврши.

Во ек на криза државата е должна да помогне на своите вработените, односно на јавниот секор и на компаниите со сите можни средства коишто ги има на располагање. Според Генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер постојат две клучни алати коишто може да ги искористат државите. Првата е социјалниот дијалог помеѓу преставниците на работниците и работодавачите којшто е витален за градење на поддршка од страна на јавноста и поддршка за мерките коишто се потребни за да се намалат штетите и втора, меѓународните трудови стандарди кои веќе се испробани и овозможуваат цврсти темели за опоравувања коишто се одржливи и издражани. Ова го вели првиот човек на автономната агенција на Обединетите Нации која се бави со трудот на глобално ниво, организација која даваше препораки и за светската економска криза во 2008/9 година. Кај нас, социјалниот дијалог слабо функционира со години наназад. Во јавниот сектор сите одлуки коишто се донесени досега се или делумно споделени или пак воопшто не се споделени со работниците и нивните претставници – синдикатите. За приватниот сектор и да не збороруваме. Таму, одредени газди прават како сакаат и што сакаат, постојано кршејќи ги работничките права. Една од најважните алатки според една така етаблирана организација како што е МОТ, социјалниот дијалог во Македонија е сведен на еднонасочна комуникација. И ќе речам уште еднаш за да не биде дека ја напаѓам само оваа власт, социјалниот дијалог долго време не функционира во нашата држава. Исто така, за жал и синдикатите не се земаат во предвид кога се носат вака важни одлуки, без разлика дали е криза или не е. МОТ вели и дека во 2008/9 година кога била светската економска криза се носеле консезуални одлуки и така таа се надминала, што значи дека на истиот начин само можеме да ја надминеме и оваа криза, кога се работи за ударот врз економијата. Здравстениот аспект го оствам во рацете на оние коишто се стручни, јас не сум Фејсбук експерт па да се правам паметен за нешто што не сум стручен. Само стручните експерти можат да ни кажат што треба да правиме и ние треба да се држиме до нивните совети и насоки.

Седете дома и уживајте, секоја криза доаѓа и заминува, па ќе замине и оваа, а нас ќе ни останат истите битки да ги водиме. Се надевам дека тие што треба ќе извлечат поука од оваа криза и ќе преиспитаат одредени работи во нашето општество.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник