Колумни

Многумина работници не знаат дека ова е клучна алатка за остварување на нивните права

Додека во ЕУ вработуваат - Работник
173views

За многумина социјалниот дијалог е апстрактна непознаница која само се споменува од Владата, синдикатите и работодавачите. Мислам дека да прашате поголем дел од работници за тоа што е социјален дијалог нема да знаат и за тоа тие не се виновни. Проблемот е во тоа што на работниците, особено оние коишто не се синдикално организирани не им се нуди обука за тоа што е социјален дијалог. Иако некои од експертите по трудово право преку медиумите знаат да објаснат за социјалниот дијалог, мое мислење е дека треба повеќе да се зборува на оваа тема.

Според Меѓународната организација на трудот, социјалниот дијалог ги опфаќа: „сите видови на преговори, консултации или едноставно размена на информации меѓу претставниците на Владата, работодавачите и работниците во врска со прашања од заеднички интерес кои се однесуваат на економски и социјални политики“.

Понатаму, МОТ наведува дека тој може да постои како трипартитен процес со владата како официјална страна на дијалогот или може да се состои од бипартитни односи меѓу работниците и работодавачите, со или без индиректна владина вклученост. Процесите на социјалниот дијалог можат да бидат формални или институционализирани, а често се комбинација од двете. Социјалниот дијалог, како што нагласува МОТ, може да се одвива на национално, регионално или ниво на претпријатие. Може да биде меѓу професии, секторски или комбинација од двете.    

Според оваа пространа дефиниција на МОТ може да се заклучи дека социјалниот дијалог може да опфаќа повеќе аспекти, меѓу кои и може да бидат неформалните средби помеѓу синдикатот и раководството на компанијата или институцијата/ претпријатието, зависно од тоа дали се работи за приватниот или јавниот сектор.

Може да се заклучи и дека согласно дефиницијата на независната агенција на Обединетите Нации, чија примарна задача е давање на експертска и техничка помош, не може да се каже дека истата се применува во Р. Македонија. Знаете, во ниедна земја каде се почитува начелото на социјалниот дијалог, не смее да се дозволи синдикатот да организира штрајк, за да го добие тоа што го сака, туку проблемот се решава преку социјалниот дијалог и колективното преговарање, која е една од неговите најмоќни алатки. Патем, пред некој ден Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ветила дека во некои земји членки, каде што е можно тоа, дека нема да се одредува законска минимална плата, туку истата ќе се договори преку колективно преговарање, на трипартитно ниво. Ние како држава се далеку од тоа да кај нас преку колективно преговарање се договори износот на минималната плата, но мора да се стремиме кон тоа. Сепак, во некоја компанија каде газдата гледа да оствари само профит, нема ни да сака да преговара со работниците за износот на минимална плата.

Јас одам до таму, да за секој договор за вработување кој ќе се склучи помеѓу работник и работодавач се преговара, а не газдите да им даваат готови договори кои работниците треба само да ги потпишат. Неодамна прочитав еден договор за работа, каде беше наведено дека основна нето плата на работникот е 15,000 денари, со тоа што секој час надвор од работното време од 40 часа неделно ќе биде платен. Но не стоеше никаква сума, иако со Законот за работни односи е стриктно наведено дека прекувремената работа треба да се плати. На веб страната на Вработување.мк стои дека основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за: прекувремена работа – 35 %. Така да работникот зеде само 15,000 денари, а деновите кога работеше, на работа беше од 08 часот до 20, понекогаш и 21 часот навечер.

За да може да практично да се спроведува социјалниот дијалог, потребно е и да се почитуваат ратификуваните конвенции на МОТ. За потсетување, минатата година Македонија беше една од ретките држави која не испрати извештај за почитување и исполнување на конвенциите до МОТ. Пред нас имаме уште предизвици на полето на работничките права, на кои мора посветено да работиме, истовремено подигајќи ја свеста за нив, како клучен дел од унапредувањето на статусот на работничката класа во нашата држава.  

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на порталот Работник.

Бобан Илијевски