Откритие на американски научници: Лек за притисок уништува бактерија отпорна на антибиотици
Еден вообичаен лек за висок крвен притисок би можел да стане ново оружје во борбата против една од најопасните бактериски инфекции отпорни на лекување. Ново истражување на тим научници од Истражувачкиот институт „Хјустон Методист“ во Тексас покажало дека лекот кандесартан цилексетил може да го запре ширењето на бактеријата позната како метицилин-резистентен Staphylococcus aureus (MRSA).
Во лабораториски и експерименти врз животни, лекот ја нарушувал клеточната мембрана на бактеријата, ја попречувал нејзината функција и на крајот ја уништувал. Бидејќи станува збор за евтин лек што веќе масовно се користи за лекување висок крвен притисок и срцева слабост, научниците сметаат дека претставува особено ветувачка опција доколку неговата ефикасност против MRSA се потврди и кај луѓе.
Сѐ поголема закана за јавното здравје
„Сметам дека кандесартан цилексетил е едно од највозбудливите соединенија што сме ги откриле“, изјавил Елефтериос Милоканис, специјалист за заразни болести и еден од авторите на студијата.
Тој посочува дека MRSA е еден од најчестите отпорни патогени со кои се соочуваат лекарите. Бактеријата може да предизвика инфекции на кожата, белите дробови и крвотокот, а според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во САД секоја година предизвикува повеќе од 70.000 тешки инфекции и околу 9.000 смртни случаи.
Антимикробната отпорност станува глобален проблем. Според проценките, микроорганизмите отпорни на антибиотици биле директно одговорни за повеќе од 1,27 милиони смртни случаи во 2019 година.
Недостаток на нови антибиотици
И покрај растечкиот проблем, развојот на нови антибиотици не успева да го следи темпото на ширење на отпорните бактерии. Научниците објаснуваат дека антибиотиците не се особено профитабилни за фармацевтската индустрија, па затоа нема доволно финансиски поттик за нивен развој.
„Состојбата на пазарот е апсурдна. Колку е подобар некој антибиотик, толку помалку сакаме да го користиме поради страв од развој на отпорност“, изјавил Милоканис.
Како делува лекот?
Во потрагата по нови решенија, научниците анализирале повеќе од 80.000 соединенија користејќи црви заразени со MRSA. Само мал број лекови им помогнале успешно да се изборат со инфекцијата, а меѓу нив бил и кандесартан цилексетил.
Дополнителните анализи покажале дека лекот се прикачува на клеточната мембрана на бактеријата, продира низ неа и создава оштетувања што доведуваат до истекување на клеточниот материјал и уништување на бактеријата.
„Почнавме да ја составуваме целата слика чекор по чекор. Откривме на кој начин овој лек ја оштетува мембраната“, изјавил микробиологот Нагендран Тармалингам, прв автор на студијата.
Охрабрувачки резултати
Тимот открил и дека лекот делува против таканаречените перзистентни MRSA бактерии, кои можат долго време да останат неактивни во организмот и подоцна повторно да се активираат.
Дополнително, комбинирањето на кандесартан цилексетил со постојни антибиотици, како гентамицин, покажало уште посилен ефект дури и при пониски дози.
Во тестови врз глувци, лекот значително го намалил бројот на бактерии, што дополнително ги охрабрило научниците дека би можел да има примена и кај луѓе.
Истражувачите сега работат на развој на слични соединенија со подобрена ефикасност и помалку несакани ефекти, а се надеваат и на соработка со фармацевтски и биотехнолошки компании за започнување клинички испитувања.
„Се обидуваме ова откритие да го пренесеме од лабораторија до пациентите“, заклучил Тармалингам.
Извор: Index.hr

