ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

МОРА ДА СЕ ПРОЧИСТИ СПИСОКОТ НА НЕВРАБОТЕНИ, ДА СЕ ТРГНАТ ПРИМАТЕЛИТЕ НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ И ЛИЦАТА КОИ РАБОТАТ ВО СИВАТА ЕКОНОМИЈА

   Време за читање 4 минути

Германија најави дека ќе им го укине надоместокот за невработеност на оние коишто ќе одбијат работа. А ние во Македонија сѐ уште не знаеме колку од невработените се навистина невработени. На списокот во Агенцијата за вработување има и приматели на социјална помош и лица кои работат во сивата економија. Дел од нив не ни сакаат да работат во формалниот сектор.

Според планот на германскиот федерален Министер за труд Хубертус Хајл, на секој што целосно ќе одбие работа, ќе му бидат укинати бенефициите до два месеци, но државата ќе продолжи да плаќа за домување за да го спречи бездомништвото.

„Планираната уредба е насочена кон оние кои неразумно и самоволно одбиваат да прифатат разумна работа што им е понудена. Регулативата ќе биде во согласност со пресудата на Сојузниот уставен суд за финансиски санкции на граѓаните“, соопштиле од тамошното Министерство, пренесува „Феникс Магазин“.

Претседателот на Собранието на Организацијата на Работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, во минатогодишното интервју за РАБОТНИК посочи дека и Македонија треба да биде поригорозна кога станува збор за луѓето што одбиваат работа или одбиваат да се преквалификуваат.

Да не се залажуваме дека имаме 106 или 110 илјади невработени лица, бидејќи кога ќе отидеш во Агенцијата за вработување да побараш работници, нема или кога ќе ги викаат корисниците на социјална помош да се јават на огласите, тие не се јавуваат“, рече Димитров.

Според него, во нашата бројка за невработени влегуваат луѓе кои се иселени од Македонија, луѓе кои работат на црно, а особено приматели на социјална помош, кои се плашат дека ќе им биде скратена истата.

Поради тоа, тој тогаш рече дека неопходно е и кај нас да се воведат вакви слични мерки. „Ова значи дека ако некој кој се води како социјален случај одбие да работи, тој не може социјална помош да зема вечно“, рече Димитров. „Тоа особено се прави во фамилии, каде што, на пример, ако синот стане работоспособен и сака да се вработи, таткото му вели ‘немој да се вработуваш официјално, ќе ја изгубиме социјалната помош’, па тој мора да работи на црно, што носи други негативности за државата, како помалку придонеси и помалку даноци“.

Мора да се прочисти списокот на невработени. Кога ќе се направи тоа, објасни Димитров, ќе се знае и реалната состојба. „Реалната состојба е дека ни старее населението, дека немаме луѓе и дека ако сакаме да ја задржиме економијата на тоа ниво, ќе мора да увезуваме работници. Инаку, претквалификацијата и доквалификацијата се одлична работа, но за жал, многу малку луѓе се пријавуваат на таквите огласи. Тоа значи дека тие или работат на црно или имаат диплома за завршено високо образование и чекаат да најдат работат согласно нивното образование“, рече Димитров.

Според него, треба да се знае точно колку работат на црно, колку чекаат на работа согласно завршеното образование, а оние кои се приматели на социјална помош и не сакаат да работат, не треба ни да бидат на списокот на невработени, бидејќи со тоа се креира лажна слика дека има достапна работна сила.

Факт е и дека голем број од луѓето одбиваат да работат во приватниот сектор, особено во пониско платените дејности, оти таму во најголем дел на вработените им се исплаќа минимална плата.

Податоците велат дека околу 80,000 луѓе во Македонија се на минималец.

Инаку, според податоците до кои дојде РАБОТНИК во интервјуто со Кристијан Кожески, докторанд на Економскиот факултет во Скопје, во Македонија има над 290,000 лица кои зависат од приходите на членовите во нивните семејства, 84,000 луѓе кои работат во сивата економија и 18,000 обесхрабрени работници. Сите овие лица се потенцијална работна сила за формалниот сектор.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси