Мултимедијална колумна|Молчењето е неисплатливо кога се работи за менталното здравје

Автор: Бобан Илијевски

Менталното здравје е една од темите кои треба да бидат приоритет во едно општество. За жал, некаде сѐ уште е табу тема. На пример, во Македонија не се зборува многу на оваа тема, иако за тоа има голема потреба. Сепак, добро е што ја создадоа платформата Разговор.мк, каде можат да се најдат искусни психолози со кои може да се разговара на различни проблеми. И јас самиот ја имам користено оваа платформа и можам слободно да кажам дека навистина е од голема корист.

Факт е дека голем дел од луѓето сѐ уште се срамат дека имаат проблеми со менталното здравје, и тоа е така бидејќи се плашат дека ќе бидат осудувани од нивната околина. Јас тоа сосема го разбирам и ги охрабрувам, во случај да немаат со кого да разговараат, тоа да го направат со професионалци. Нека замислат дека своите проблеми ги споделуваат со некој кој не го познаваат, а и тој не ги познава. Мене барем овој начин на размислување ми помогна да се охрабрам за да разговарам со психолог. Кога разговарате со некој што не го знаете и обратно, многу е полесно да се искажете знаејќи дека тој човек можеби никогаш нема да го видите повторно, а може многу да ви помогне.

Знам дека многумина од вас молчат поради страв од тоа дека некој од вашите другари ќе се подбива со вас ако му се отворите. Знајте дека ако го прават токму тоа, тогаш не ви се правилни другари или пријатели, бидејќи оние правилните ќе ве ислушаат и доколку можат ќе ви дадат совет, а доколку не можат, ќе ве утешат.

Мислам дека кај мажите разговарањето на темата ментално здравје оди малку потешко отколку кај жените. Мажите знаат зошто е тоа така. Познати ли ви се оние фрази од типот: “луд си”, “ненормален си”, “оди лечи се”, “маж си ти мораш да издржиш се”, “не се глупирај, не ти е ништо”…? Мислам дека кажав доволно.

Мој апел до сите вие кои се соочувате со проблеми со менталното здравје е да побарате помош од стручни лица и во ниеден случај да не ги слушате оние кои постојано ви велат дека не ви е ништо. Немојте да дозволите да пропаднете во бездна, само затоа што слушате туѓи мислења. Вие најдобро се познавате себеси, па поради тоа послушајте се себеси.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.