СветСиндикат

Наполнила 65 години, родила пет деца, но останала без пензија: Хрватскиот закон не ја признава грижата за деца како работен стаж

И покрај тоа што наполнила 65 години и цел живот го посветила на грижата за своето семејство, една жена од Хрватска останала без право на пензија. Таа има само 13 години формално признат работен стаж – премалку за да оствари право на старосна пензија според постојниот закон.

Жената, мајка на пет деца, објавила апел на правниот портал на Синдикатот на пензионери на Хрватска (suh.hr), истакнувајќи дека поради обврските околу децата не успеала да работи доволно години за да го исполни законскиот услов од минимум 15 години стаж за старосна пензија.

Сакам да знам дали со дополнителниот стаж за деца во траење од 2 години и 6 месеци (5 x 6 месеци) го исполнувам условот за пензија, или морам дополнително да работам за да стигнам до 15 години стаж? – прашува таа.

Законот не ја признава мајчинската грижа како доволен услов

Според важечкиот закон во Хрватска, родителите (во најголем број случаи мајките) добиваат дополнителни шест месеци пензиски стаж по родено дете, но тој додатен стаж не се признава како замена за недостиг на минималниот работен стаж.

Со други зборови, дури и со пет деца и дополнителни 2,5 години стаж по тој основ, таа не ги исполнува условите за пензија, бидејќи формално има само 13 години работен стаж. Дополнителниот „мајчински“ стаж служи само за зголемување на износот на пензијата, но не и за исполнување на условот за нејзино остварување.

Барања за промена на законот

Синдикатот на пензионери на Хрватска веќе подолг период бара да се извршат измени на законската регулатива, со кои грижата за деца и семејство би се признала како важен животен труд, особено кај жените кои не можеле да бидат вработени цело време поради семејни обврски.

Сепак, ваквите иницијативи засега остануваат без конкретен одговор од надлежните институции. Прашањето што се поставува е – дали општеството доволно ја вреднува улогата на мајките и домашната работа?

Овој случај уште еднаш ја отвора дебатата за родовата нееднаквост и потребата од поширок општествен и законодавен дијалог за правичноста во пензискиот систем.

Извор: penzionisani.bizportal.rs