Светот на работникот

Насмевка, држење, ракување: Работи што влијаат врз исходот на разговорот за работа

Кога станува збор за разговор за работа, говорот на телото може да биде подеднакво важен како и вашето CV. Начинот на кој седите, се движите, гледате или подавате рака остава силен прв впечаток – често уште пред да изговорите и збор.

Според зборовите на Бенџамин Гренџер, главен организациски психолог во софтверската компанија Qualtrics, нашите изрази на лицето, држењето и гестовите откриваат многу повеќе отколку што мислиме, пренесува CNBC Make It.

„Кога првпат ќе запознаеме некого, нашиот мозок автоматски го анализира неговиот изглед, лицето, телото, и проценува колку делува отворено или затворено“, објаснува Гренџер. Тие невербални сигнали, вели тој, потсвесно влијаат на тоа како го доживуваме соговорникот.

Во рамки на курсот How to Ace Your Job Interview, дел од платформата Smarter by CNBC Make It, Гренџер споделува четири клучни совети за говорот на телото кои можат да ви помогнат да оставите најдобар можен впечаток на следното интервју.


1. Почнете со насмевка

Можеби звучи како клише, но насмевката навистина прави разлика.
„Едноставна насмевка создава позитивна атмосфера и гради доверба“, вели Гренџер.

Луѓето често можат да препознаат дали насмевката е искрена или не. Вистинската насмевка се познава по ситните брчки околу очите – ако ги имате често, тоа е добар знак дека сте топла и искрена личност.


2. Отворено држење на телото

Начинот на кој седите или стоите испраќа силна порака.
Гренџер препорачува да заземете „отворена“ поза: исправени рамена, рацете тргнати од телото, без прекрстување.

Таквиот говор на телото покажува дека сте ангажирани и подготвени за разговор. Спротивно на тоа, прекрстени раце или нозе можат да делуваат дефанзивно, затворено или како да криете нешто.

Важно е и телото и нозете да бидат насочени кон соговорникот – ако нозете се свртени кон вратата, може да изгледа како да сакате што побрзо да си заминете.


3. Цврст, но избалансиран стисок на рака

Старата изрека вели дека ракувањето го открива карактерот – и Гренџер се согласува со тоа.

Постојат три основни типа на ракување:

  • Избалансирано – дланките се паралелни, стисокот е цврст: испраќа порака на еднаквост и самодоверба.
  • Дланка надолу (доминирачко) – обид за наметнување.
  • Дланка нагоре (потчинето) – сигнал на покорност.

Иако не можете да контролирате како ќе ве поздрави соговорникот, секогаш можете да понудите ракување што ќе пренесе стабилност и самодоверба: исправени рамена, крената глава и брадата нагоре – јасна порака дека сте сигурни во себе.


4. Бидете автентични

„Најважниот совет што можам да го дадам е: бидете свои“, подвлекува Гренџер. Многу кандидати имаат чувство дека мора да глумат на интервјуто. Но и најдобрата маска лесно паѓа кога говорот на телото не се поклопува со зборовите.

„Ако се преправате – тие ќе го почувствуваат тоа“, предупредува тој. „Можеби нема свесно да го забележат, но чувството дека нешто не е во ред – ќе биде тука.“

Наместо тоа, пристапете кон разговорот со позитивен став и желба да запознаете личност со која потенцијално ќе работите години.

„Замислете го интервјуто како возбудливо искуство – можност да го запознаете вашиот иден колега“, порачува Гренџер. „Така ќе влезете во просторијата со искрена насмевка – и ќе оставите силен прв впечаток.“

Извор: BIZLife.rs