МагазинНовости

Научниците откриваат: Структурата на мозокот кај жените се менува за време на менструацијата

   Време за читање 2 минути

Хормоните зад менструалниот циклус не влијаат само на репродуктивната анатомија, тие исто така го преобликуваат мозокот. Научниците од Америка следеле 30 жени за време на менструалниот циклус и детално ги документирале структурните промени кои настануваат во мозокот при промената на хормоналниот профил, пишува „Саенс алерт“.

Наодите во студијата покажуваат дека структурните промени во мозокот за време на менструацијата најверојатно не се ограничени само на оние региони што се поврзани со менструалниот циклус.

„Ова се првите резултати за истовремени промени во микроструктурата на церебралната бела материја и дебелината на церебралниот кортекс што се совпаѓаат со хормоналните ритми на менструалниот циклус“, пишуваат научниците.

Тие откриле дека микроструктурата на белата маса, густата мрежа на невронски влакна кои пренесуваат информации помеѓу регионите на сивата материја, се менува со хормоналните промени, вклучително и пубертетот, употребата на орални контрацептиви и хормонска терапија.

Научниците спроведоа магнетна резонанца на испитаничките за време на три менструални фази: менструација, овулација и средна лутеална фаза. Тие го мереле и нивото на хормоните. Резултатите покажаа дека како што флуктуираат хормоните, волуменот на сивата и белата материја, како и волуменот на цереброспиналната течност се менуваат.

Конкретно, непосредно пред овулацијата, кај испитаничките е забележана промена на белата маса, што укажува на побрзо пренесување на информации. Хормонот за стимулирање на фоликулите, кој се зголемува пред овулацијата и помага во стимулирање на фоликулите на јајниците, е поврзан со погуста сива материја.

Прогестеронот, чие ниво се зголемува по овулацијата, е поврзан со зголемување на ткивото и намален волумен на цереброспиналната течност.

Сè уште не е познато како овие промени конкретно влијаат на функцијата на мозокот, но научниците велат дека ова истражување може да помогне да се расветли механизмот зад предменструалниот синдром (ПМС), збир на симптоми кои се појавуваат циклично кај жените во зависност од фазите на менструалниот циклус во форма на психолошки и физички потешкотии.

Фото: arloo / Alamy / Alamy / Profimedia