Нашите се плашат од странските компании кои предничат со тоа што им овозможуваат бесплатен оброк и превоз на вработените

Автор: Бобан Илијевски

Гледам дека штипските работодавачи во голема мера се возбудија од најавата за новата странска инвестиција од Канада која треба да отвори 600 работни места во тамошната индустриска зона.

Целата таа сцена ме потсеќа на времето, пред повеќе од шест години, кога Леар корпорација отвори фабрика за шиење навлаки за автомобили, првобитно во Гостивар, па ја премести во Тетово, каде што и се прошири. Тогаш локалните газди дигнаа голема паника, плашејќи се дека ќе изгубат работници. И беа во право – изгубија многу работници.

И да се разбереме, не се случи тоа бидејќи странските инвестиции даваат којзнае колку поголеми плати, туку поради тоа што ги исплаќаат сите надоместоци согласно трудовите законски прописи плус даваат бесплатни оброци (во Леар имаат ангажирано готвачи, за другите инвестиции не сум сигурен) и им обезбедуваат бесплатен превоз на вработените.

Земајќи го тоа во предвид, на работниците платата им останува чист.

Некои странски компании на вработените не им даваат бесплатен оброк, но им плаќаат хранарина плус имаат платен превоз.

Да не се лажеме, тоа се сериозни бенефити кои во голема мера ги привлекуваат работниците. Затоа мислам дека штипските, но и сите други работодавачи во останатите градови, ќе треба да се потрудат и да станат поконкурентни ако сакаат да ги задржат работниците. Треба да им е јасно како ден дека овие два бенефити се пресудни за вработените. Не залудно го повторувам ова по вторпат.

Ако ги погледнеме работите на светско ниво, ќе видиме дека многу мали компании кои немаат потенцијал да им исплаќаат поголеми плати на вработените, им нудат пакет на бенефити (платени семејни отсуства, платени оброци, превоз итн.). Тоа го прават бидејќи и тие се соочуваат со огромен недостиг на работна сила, па влегуваат во натпревар со другите компании за тоа кој ќе добие поголем број на квалификувана работна сила.

Оние коишто нема да успеат да се изборат во таа „војна за работници“ ќе згаснат, а нема да успеат само оние кои нема да бидат привлечни за работниците.

Ова е реалноста и сите треба да ја прифатат.

Ставовите изразени во колумната не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.