Најголемиот дел од оние кои преминале од вработени во невработени се со средно образование

Податоците на Агенцијата за вработување во период од 1 септември до 30 септември 2022 година за прилив и одлив на невработени лица покажуваат дека бројката на лица кои се стекнале со статус на невработени изнесува 5,170. Од нив 1,571 лице е без образование или со основно образование; 429 со непотполно средно образование; 2,113 се со завршено средно образование; 37 со више образование; 893 со високо образование и 64 магистри.

Ова покажува дека најголемиот број од луѓето кои минатиот месец започнале да се евидентираат во центрите за вработување ширум Македонија се со завршено средно образование.

Табелата во која се наведени овие податоци, а која следува подолу, има повеќе категории, но за нашата анализа ќе ги земеме во предвид уште само податоците за тоа колку лица преминале од работен однос во листата на невработени, за да видиме каква е нивната образовна позадина.

Според податоците на Агенцијата, во дадениот временски период, на 2,754 лица статусот од вработени им се променил во невработени. 662 од нив биле без потполно образование или со заврешно основно образование; 299 со непотполно средно образование; 1,110 со завршено средно образование; 30 со више образование; 615 со високо образование и 38 магистри.

И во оваа категорија доминираат оние кои имаат завршено средно образование, односно тие се најголемата бројка на работници кои од статус на вработени добиле статус на невработени.

Инаку бројката на вкупно невработени лица согласно септември 2022 година изнесува 112,464 лица. Во август истата изнесувала 114,934 лица, што значи дека таа е намалена за 2,470 лица или 2,15 %. Од Агенцијата напоменуваат дека „со состојба на 30.09.2022 година евидентирани се 14,503 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирано после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од Ковид – 19 вирусот“. 

Сепак, интересен е податокот што најголем дел од оние коишто останале без работа се со средно образование, а веднаш после нив се оние со завршено високо образование.

Фото: shutterstock

 

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.