Најгорливите проблеми на работниците излегоа на површина, но ние некако не ги гледаме… се‘ уште (АУДИО-КОЛУМНА)

Автор: Бобан Илијевски

Нова аудио-колумна на Бобан Илијевски на тема „Напредокот на процесите во областа на работните односи“.

Транскрипт од аудио-колумната:

Почитувани слушатели, од денеска па натаму ќе започнам да правам аудио-колумни во кои ќе ги изнесувам моите ставови во однос на работните односи. Прва тема на разговор ќе биде „Напредокот на трендовите во областа на работните односи.“ Оваа тема е доста обемна, но денеска ќе се обидам да издвојам неколку работи коишто сметам дека се доста важни и заслужуваат да им се посвети внимание. Имено, во многу наврати имам пишувано дека пандемијата предизвикана од Ковид – 19 вирусот ги забрза веќе започнатите процеси на пазарот на труд. Што значи тоа? Се повеќе работници се пренасочија кон работа на далечина или работа од дома, а компаниите, немајќи друг избор, мораа да им излезат во пресрет. Овој тренд пополека започнува да се прелева и кај нас, иако можеби сега за сега не се забележува тоа, бидејќи сѐ уште е во почетна фаза. Сепак, како и сите други процеси кои се случуваат во едно општество и на процесите на пазарот на труд им треба малку повеќе време за да се развијат, а тоа значи дека ефектите од овие трендови можеби ќе ги видиме за две-три, а можеби и за десет години. Како и да е, неизбежно е да се прелеат и кај нас. Со оглед на тоа дека голем дел од луѓето имаат прифатено дека ние живееме во некој изолиран свет каде што промените кои се случуваат на глобално ниво не доаѓаат и кај нас, јасно ми е зошто не ги интересираат овие трендови. За жал, политиката е доминантна област од интерес во оваа држава, па како резултат на тоа се друго е оставено во втор план или народски кажано „Ако имам време ќе го завршам, ако не здравје“. Работата на далечина не е единствен тренд којшто беше ставен како главна точка на расправа помеѓу светските експерти од областа на кариерата и пазарот на труд. Започна да се зборува и за намалување на работното време, воведување на четиридневна работна недела (која некои земји ја тестираат и се задоволни од резултатите), а голем акцент се стави и на тоа колку е важен балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот и менталното здравје на вработените. Впрочем, пандемијата на виделина ги извади едни од најголемите проблеми со кои се соочуваат работниците во едно општество. На пример, и пред да настане пандемијата, преработеноста беше број еден причина за нарушување на менталното здравје. И тогаш луѓето согоруваа на работните места, но мораше да дојде 2020 за да овој проблем добие поголемо внимание. Ова може да се заклучи од насловите на светските медиуми, каде секој втор е за согорувањето на работно место, за тоа колку е важно да се одржува балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот итн. Не велам дека претходно не се посветувало внимание на овие проблеми, но не толку колку што сега се прави тоа. И тоа е добро. Никогаш не е доцна да се актуелизираат вакви проблеми. Никогаш не е доцна за ништо. Моето мислење е дека ќе дојде време кога и во Македонија во голема мера ќе се зборува за овие проблеми, како резултат на тоа што сето ова што се случува во најразвиените држави во светот, ќе дојде и кај нас. Се ближи моментот кога македонските работници ќе речат: „И ние мораме да го подигнеме гласот за овие проблеми, што сме ние поразлични од оние на Запад или во Европската унија?“. Насекаде низ светот работниците се повеќе стануваат загрижени за своето ментално здравје и за тоа колку време поминуваат со своите семејства. Карантинот им покажа колку има фали таа блискост, па кога дојде време да се вратат на старите работни места, сфатија дека повторно ќе ја изгубат таа блискост и дека нема да имаат толку време да се грижат за своето ментално здравје. Затоа и бараат поголема флексибилност, а тоа и не е лоша идеја оти истражувањата покажуваат дека кога им се дава поголема флексибилност, стануваат повеќе продуктивни. Со оглед на тоа дека на глобално ниво продуктивноста е опадната, можеби е време да им се овозможи поголема флексибилност. Тоа ќе биде добро и за самите работодавачи, бидејќи помотивирани работници е еднакво на попродуктивни работници. Попродуктивни работници значи поголем профит за работодавачот, а поголемиот профит значи и поголеми плати за работниците и уште поголема мотивација. Ова е како една формула, со која доколку сакаме да решиме некоја комплексна математичка задача, мораме да ја следиме од почеток до крај.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.