ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

“Работниот однос задолжително да се занова на неопределено време, за поголема сигурност на работните места“

Бобан Илијевски

Неприкосновен факт е дека корона пандемијата остави бројни последици во многу сфери од животот. Експертите од различни области, како психологијата, економијата и пазарот на трудот велат дека по исчезнувањето на пандемијата ќе се случат многу промени, а дел од нив веќе се и започнати. Што се однесува на пазарот на трудот, промените веќе започнаа. Тоа може да се види по барањата на многу вработени за флексибилен начин на работа, а и голем дел од нив бараат да продолжат да работат од дома, без разлика на тоа што ќе им се намалат платите.

Неодамна направив интервју со универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски и едно од прашањата коишто му ги поставив се однесуваа токму за тоа какви последици остави пандемијата со Ковид -19 врз сферата на трудот.

Тој истакна дека засега се гледаат два драматични ефекти коишто ги предизвика Ковид 19.

Првиот е промена на начинот на функционирање на трудот, односно насочување кон дигитализацијата на трудот и тоа се случува во европски и светски рамки, но и кај нас и тоа многу побрзо отколку што се случуваше до 2019 година. Вториот аспект е трансформацијата на работните односи во смисла на структура, поместување и турбуленции на пазарот на трудот, односно голем број на отпуштања и промени за свеста на трудот. Сето тоа влегува во еден пакет коишто се однесува на разбирањето и сфаќањето на трудот до ковидот и по ковидот, така што овие се двата аспекти коишто драматично влијаат на трудот и ќе влијаат во следните десетина години“, рече проф. д-р Лазар Јовевски во интервјуто за порталот Работник.

Неговите ставови можат да се видат во пракса, со оглед на тоа дека многу професии доживуваат трансформација, а на други им се заканува исчезнување. Пандемијата ја забрза и автоматизацијата на работните места која останува да се види со кое темпо ќе се движи во наредните години.

Треба да се посочи и дека многу луѓе даваат откази од своите работни места, некои од нив со цел да ја променат својата кариера, а некои поради потрага по пофлексибилни услови за работа и поголема плата.

‘Секој работен однос треба да се заснова на неопределено работно време, а работниот однос на определено време да биде само по исклучок’

Фото: Freepik

Во интервјуто стана збор и за младите и жените коишто исклучиво беа погодени од страна на пандемијата, со оглед на тоа дека голем дел од нив работат на договори на определено време, па поради тоа беа и најлесна „мета“ за отпуштање на работодавачите.

Проф. д-р Лазар Јовевски вели дека станува збор за еден правен институт „работен однос на определено време“ којшто често се злоупотребува во пракса и тоа не само во однос на младите и жените, туку во однос на сите вработени.

Тоа трае со години, токму поради законското решение со кое се овозможува долг период од пет години лицето да се вклучи во работен однос на определено време. Ова мора да се измени. Треба да се регулира на тој начин што работниот однос на определено време ќе биде само по исклучок. Значи, секој работен однос треба да се заснова на неопределено време, притоа само во одредени исклучоци коишто ќе бидат законски определени ќе треба да се даде можност за засновање на работен однос на определено работно време, со точно определено времетраење. Тоа би било секако помалку од сегашните пет години“, вели тој.

Посочи дека треба да се им се даде баланс на работодавачите да проценат кои вработени треба да бидат на неопределено работно време, а тоа значи работодавачите да увидат кои работници прекршуваат работен ред и дисциплина и на истите да им го прекинат работниот однос.

Фото: Freepik