КолумниНовости

Најслатко е кога ќе ги разочарате оние коишто не сакале да успеете во нешто!

   Време за читање 3 минути

Има моменти кога целосно го губам оптимизмот за тоа дека животот во Македонија се подобрува. Тогаш песимизмот целосно ме обзема, па се прашувам: „Што барам јас овде? Зошто како и многу млади луѓе едноставно не заминам во некоја држава каде мојот труд ќе биде повеќе ценет и платен, каде што ќе можам да дишам чист воздух, каде што нема политизирани институции и толеранција на неправдата, каде што нема да морам по три дена да одам по шалтери за да извадам документи“. А потоа од никаде на ум ќе ми дојде причината поради којашто сеуште сум овде – мојата професија.

Од 2018 година кога започнав да се бавам со новинарство, открив дека оваа професија ме исполнува целосно и дека никогаш не би сакал да ја напуштам, без разлика на тоа колку тешко и да биде. Сега 2021 година, но јас се уште го имам истото мислење од 2018 година за новинарската професија. Од друга страна, помислата дека можам да помогнам некому преку моите текстови, да отворам некоја тема којашто не била отворена пред јавноста или пак да ја подигам свеста за одредени прашања, дополнително ме мотивира да ја работам оваа работа.

Да бидам реален, лошиот стандард во Македонија влијае и на мене, колку што влијае и врз сите. Неодамна отидов да пазарам намирници во маркет и останав занемен кога видов дека за само неколку работи ми отидоа три илјади денари. Инфлацијата ги јаде нашите плати како ништо. Ако продолжи вака, ќе биде потребно платата да е најмалку над 30,000 денари, за да може да се преживее месецот, а за достоинствен живот пак, немам идеја колку ќе треба. Потоа, кога ќе видиш уште колку пари ќе ти отидат на сметка за струја, телефон, кабелска и интернет, ти се стемнува пред очи.

Сепак, не се жалам, заработувам онолку колку што можам. Парите ги заработувам со пот и со вложување на труд. Се навикнав на работа, па уживам во неа. Сега и да ми понудат за иста плата да седам дома, не би прифатил, бидејќи не би издржал да бидам неактивен. Кога еднаш ќе го научите вашиот ум да биде активен, многу е тешко после да го смените тоа, а реално, јас не ни сакам да го сменам.

Кога бев дете сакав многу да пишувам, но никогаш на ум не ми паднало дека токму од тоа најмногу што го сакам, ќе заработувам и правам кариера. Тогаш многумина околу мене ми велеа дека нема да биде ништо од мене. Се надевам дека им ги затворив устите. За жал, има луѓе коишто не сакаат да успеете во нешто. Најслаткото нешто е кога ќе ги разочарате ваквите луѓе и кога ќе им докажете (иако немате потреба никому ништо да докажувате) дека вие можете да бидете личноста којашто отсекогаш сте сакале да бидете.